Стопанската комора започнува четири месечна програма за развој на мали и средни бизниси
Повеќе информации за Програмата и Пријавата за учество на Програмата за развој на стартап бизниси, како и за начинот на пријавување и запознавање со предавачите и темите можете да најдете на интернет страната на Стопанската комора на Северна Македонија: www.mchamber.mk , се вели во соопштението до медиумите.
Со формирањето на Советот за унапредување на високо образование и стратешки истражувања во Стопанската комора на Северна Македонија практично започна остварувањето на специфични интереси на приватниот сектор во насока на унапредување на компетенциите и вештините на високообразовните кадри во согласност со потребите на бизнисот. Во 2021 година започнаа со реализација на шест месечните Програма за претприемништво и лидерство и Програма за развој на мали и средни бизниси. Како континуитет на активностите предвидени на Советот, Стопанската комора на Северна Македонија во месец февруари започнува со четири месечна Програма за развој на стартап бизниси.
Една од целите на Програмата за стартап бизниси е можноста за вмрежување со компаниите во Комората и презентација на идеите пред соодветните компании кои можат да бидат заинтересирани за соработка со стартап бизнисите. Исто така придобивка од ваквата Програма е и можноста за презентирање на идеите пред финансиски институции за финансирање на стартап бизисите.
Програмата за стартап бизниси е наменета за млади невработени лица, но и вработени лица кои имаат желба за започнување бизнис и се мотивирани за стекнување вештини од областа на претприемништво, планирање на бизнисот и пристап до инвестиции за започнување на бизнисот.
Во реализација на Програмата се вклучени повеќе од 20-тина реномирани предавачи и претставници на успешни стартап компании. Предавањата се замислени така што сите модули на почетокот ќе имаат краток теоретски вовед во секоја поттема, а потоа следуваат предавања со практични примери, искуства и со менторски пристап од предавачите, со индивидуални вежби за примена на стекнатото знаење врз избраната бизнис-идеја. Секој модул има свој ментор, а на предавањата голем удел ќе имаат интерактивноста и вежбите според најновите европски и светски пристапи.
Програмата за развој на стартап бизниси започнува на 28 февруари 2022 година, а планирано е да заврши на 10 јуни 2022 година.
Практично со започнувањето на оваа активност на Советот за унапредување на високо образование и стратешки истражувања, во пресрет на големиот јубилеј од 100-години коморско организирање во државата, Стопанската комора на Северна Македонија како најстара и најбројна бизнис асоцијација покажува дека отвореност и поддршка за сите компании кои се подготвени преку иновативност и креативност да креираат додадена вредност.
Повеќе информации за Програмата и Пријавата за учество на Програмата за развој на стартап бизниси, како и за начинот на пријавување и запознавање со предавачите и темите можете да најдете на интернет страната на Стопанската комора на Северна Македонија: www.mchamber.mk , се вели во соопштението до медиумите.