вестиМакедонијаТоп вести

Календар на земјоделски активности во месец април

Овоштарство

Овој месец започнува интензивната заштита на растенијата кај овошните видови.
Првиот третман, во текот на самиот почеток на вегетацијата има за цел да не се дозволи
масивен развој на болестите и штетниците. Исто така, во овај период почнува и
обработката на почвата за уништување на плевелите.

Малини – во овај период се јавува Малиновата Буба. Штета предизвикуваат и
ларвите и возрасните единки, па затоа борбата против неа треба да биде навремена.

Јаболка – полека се јавува опасноста од пепелница и чадлива краставост. Со цел
тоа да се спречи препорачливо е да се користат комбинирани фунгициди кои што
делуваат и на двете болести истовремено.

Цреши и вишни – на почетокот на самото цветање треба да се испрска со
регистриран фунгицид против монилија, а веднаш по прецветувањето се препорачува
прскање против сачменка.

Доколку на стеблата од дрвата се забележи земја, таа треба внимателно да се
отстрани и направените рани да се премачкаат со овоштарски восок.
Јагоди – овој период е време за садење на јагоди. Растојанието помеѓу редовите
треба да биде 30 – 40 см, а во редовите 15 – 20 см.

Градинарство

Во овој период во јужните региони може да се посади раниот модар патлиџан.
Растојанието помеѓу редовите треба да биде 50 – 70см, а внатре во редовите 50 – 60см.

Кај кромидот, доколку е влажно времето во овој период е можна појава на жолти
дамки на листовите и појава на пламеница. Доколку се забележат првите симптоми
потребно е веднаш да се изврши третирање со соодветни регистрирани фунгициди.
Раните домати се препорачува да бидат посадени во период од 17 до 30ти април,
средно касните во периодот од 25.04 до 15.05. Краставиците се препорачува да бидат
посадени во период од 25.04 до 10.05.
Продолжува грижата за растенијата кои што треба да бидат посадени. Неколку
дена пред садењето тие треба да бидат истретирани профилактично.

Лозарство

Во овој период кроењето на лозјата веќе треба да биде завршено. Доколку не е
извршена пролетна обработка и внесување на ѓубрива, потребно е во текот на овој месец
да се заврши со таа агротехничка мерка. Треба да се користат комбинирани ѓубрива со
брза апсорпција. Потребно е да се започне со првите обработки на почвата и уништување
на левелите.

Поледелство

Се извршува подготовка на почвата за сеење на топлољубивите поледелски
култури.
Рок на сеидба:
Ориз – 20.04 – 20.05
Памук – 20.04 – 05.05
Пченка – 10.04 – 30.04
Кикиритки – 10.04 – 30.04
Започнува третманот со хербициди кај пченицата и јачменот, зависно од видот и
фазата на плевелите, со соодветни хербициди.
Потребно е да врши редовно следење на посевите.

Цвеќарство

Ова е време кога се сеат тревните смески. За површина од еден метар квадратен
потребни се од 40 – 60 гр. семе.
Потребно е кај цвеќињата да се следи појавата на вошки и веднаш да се истретира
со соодветен инсектицид.

Сточарство
Говедарство

Овај период претставува транзиција во однос на одгледувањето и исхраната на
животните. Неопходно е што повеќе да се искористат сончевите денови и животните да
се изведат на прошетка и на пасење на отворено. Особено внимание треба да се посвети
на соодветно избалансираната храна. Потребно е животните да внесуваат по 0,5кг
концентрирана сточна храна , за секој килограм млеко, над 5 кг. дневно. Препорачливо е
во исхраната да биде вклучено и 2 – 3кг слама од пченица за дополнување на сувата
материја, која обично во овој период од годината е ниска.
Изведувањето на животните на отворено и хранењето со свежа трева може да
создаде услови за појава на различни инфекции. Заради тоа неопходно е да се
превземат соодветни превентивни мерки.

Овчарство и козарство

И кај овците имаме премин од штала кон пасишта. На пасиштата треба да има
засолништа за прикривање на младите животни при евентуални неповолни услови.
Неприфатливо е да легнат на влажна почва, што доведува до настинки и дијареа.
Во месец април козите со задоволство пасат млада сочна трева и млади кршливи
гранчиња од дрвата и грмушките. Оваа храна е со висока содржина на вода, а мала
хранлива вредност и има лаксативно дејство, што е предуслов за стомачно растројство.
Заради ова во исхраната потребно е да се вклучи 0,3-0,4 кг концентрирана храна (сено,
слама), готварска сол.

Пчеларство

Месец април е погоден за набавка на пчелни семејства. Тие мора да бидат здрави,
без заразни болести и без карантин.
Овај месец процветуваат сите овошни видови од кои што пчелите собираат полен
и нектар.
Кон крајот на месецот се врши замена на старите пчели кои што презимиле, со
нови.
Однапред се подготвени потребниот број рамки со изградени погачи од магацин во
согласност со бројот на пчелните семејства кои што ќе се пренесуваат, така што секое
пчелно семејство да има барем по две изградени погачи за во две куќишта.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close