СУБВЕНЦИИ И ДОБРА ЦЕНА: Тутунарите најавуваат зголемено производство
Производството на тутун во струмичкиот регион годинава ќе биде зголемено во однос на лани.
До 31 март кога беше и крајниот рок за пополнување на евидентните листови за производство на тутун во 2017 година се пријавиле вкупно 2750 тутунопроизводители што покажува и благо покачување на нивниот број во однос на минатата година.
Добрата откупна цена за време на последните две сезони и субвенциите од 60 денари по килограм кои ги дава државата здруженијата на тутунопроизводители ги наведуваат како главна причина за зголемениот интерес за производство на оваа култура.
-Заинтересираноста е малку поголема. Значи тоа е резултат на квалитетниот тутун што беше изваден, добрата цена која што беше просек 201 денар, зборувам за струмичкиот за василевскиот регион, а на ниво на држава беше 197 денари. Значи успешнобеше и плус субвенциите , тоа е 260 до 270 денари, вели Марјан Трајков – здружение на тутунопроизводители Басмак – Василево.
Од здружението Басмак од Василево засега неможат да кажат дали зголемениот број на тутунопроизводители ќе значи и зголемување на површините со тутун.
Од таму велат тоа ќе биде познато во мај кога произведениот расад ќе биде засаден на нивите, а големо влијание во процесот на расадување ќе имаат временските услови.
Минатата реколта во струмичкиот регион беа откупени околу 2000 килограми суров тутун, додека на ниво на цела држава таа количина изнесуваше околу 25 илјади тони кои беа предадени по просечна цена од 197 денари по килограм.