fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Свечено пуштен во употреба новиот софтвер на ХС Злетовица

Подобри услови за живот на граѓаните од Пробиштип и околните општини

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со министерката за надворешни и европски прашања на Република Словенија, Тања Фајон, денеска остварија работна посета на општина Пробиштип, каде свечено го пуштија во употреба новиот SCADA систем на Хидро системот Злетовица и извршија увид на изградената филтерстаница во општина Пробиштип.

Делегацијата на Република Словенија, беше пречекана од министерот Николовски, градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов и директор на ХС, Злетовица Љупчо Благојевски.

Филтерстаницата во општина Пробиштип е изградена во 2011 година, со поддршка на Република Словенија. Станува збор за важен капитален проект, кој овозможува квалитетно водоснабдување на жителите на општина Пробиштип. Изградбата на филтер станицата следуваше, откако со изградбата на хидросистемот Злетовица, се обезбедија услови за водоснабвудање на граѓаните од општините Пропиштип, Штип, Свети Николе, Карбинци и Лозово. Но, за да може да се користи водата од Хидросистем Злетовица, беше потребно да се изградат нови филтер станици во општините опфатени во проектот, со технологија која овозможува преработка на површински води.

„Во 2011 година токму тука во општина Пробиштип е изградена филтерстаницата, која располага со соодветна технологија за преработка на површински води – ултрафилтрација. Вредноста на филтерстаницата изнесуваше 1.440.000 евра, а покрај учеството на општината и државата, во реализациајта на овој значаен проект свој придонес има и Република Словенија со донација на 450.000 евра“ изјави министерот Николовски.

Дополнително за да се зголеми капацитетот на филтерстаницата, како и да се изврши сервисирање на опремата во филтерстаницата, вложени се 1.200.000 евра, односно 600.000 евра средства од буџетот на државата, и 600.000 евра уште една поддршка од нашите пријатели од Република Словенија. На овој начин во 2019 година успешно беше завршен овој проект, со што капацитетот на филтерстаницата се зголеми на 100 литри во секунда.

Со изградбата на хидросистем Злетовица се обезбеди водоснабдување на населението во пет општини, Пробиштип, Штип, Свети Николе, Карбинци и Лозово, подобрувајќи ги условите за живот на населението. Преку проектот за надградба на хидросистемот Злетовица, се изврши замена на застарената опрема, рехабилитација и надградба на постоечките системи, со што се подобри одржливоста на системот и сигурноста во неговата работа. Со рехабилитацијата на хидромеханичката опрема, се овозможи навремено празнење на акумулацијата, во случај од појава на големи води, што придонесува за поголема безбедност на населението, по течението на река Злетовица.

Кај главниот систем се изврши комплетна рехабилитација, со инсталација на нов софтвер на SCADA системот на ХС Злетовица, кој денеска свечено беше пуштен во употреба, од страна на министерот Николовски и словенечката министерка за надворешни и европски прашања на Република Словенија, Тања Фајон.

SCADA системот се состои од Главен SCADA Центар во Пробиштип и Секундарен SCADA Центар на брана Кнежево, преку кои се врши надгледување и управување со опремата на контролните точки од ХС Злетовица. Обновувањето на компјутерската опрема, серверите, електронското складирање и зачувување на податоците, овозможува во наредниот период, од околу 10 години, да нема никакви проблеми во работата на SCADA системот на ХС Злетовица.

„Сите овие инвестиции иницирани од општината Пробиштип, а поддражани од Владата и нашата пријателска Словенија, придонесуваат за подобрување на условите за живот на населението во Пробиштип и околните општини, обзебедувајќи квалитетна вода за пиење на граѓаните. Токму од тука сакам да упатам голема благодарност до министерката Фајон, до граѓаните на пријателска Словенија за вербата и поддршката, при реализација, на овие значајни проекти. Она на што следно ние како министерство работиме е уште поголема поддршка за младите земјоделци, преку креирање на Сојуз на млади земјоделци, по примерот на Рурална младинска асоцијација на младите земјоделци во Словенија.  Дополнително работиме на формирање нова подсекторска група во министерството за млади, и изработка на посебна програма за млади фармери“ потенцираше министерот Николовски.

Во таа насока, во тек е организацијата на студиско патување на млади земјоделци и фармери од Северна Македонија во Словенија, од која што ќе можат директно да го црпат позитивното искуството, за да може веднаш по нивното враќање, преку формирањето на координативна група да се отпочне процесот на формирање на потсекторската постојана група за млади во министерството, која потоа ќе креира посебна програма за млади фармери.

Очекуваме нашата позитивна соработка меѓу двете држави уште повеќе да ја надоградуваме и посакуваме во иднина нашата соработка да продолжи, уште посилно, како две пријателски држави, членки на Европската Унија.

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close