Свети Ахил-вечното почивалиште на царот Самоил
Денес на островот има мала населба од неколку куќи со наследници на семејството Петковци. Доколку сакате да го посетите островот не е неопходно да поседувате пловило, бидејќи постои пловечки мост преку кој можете да пристапите до него.
Неприкосновениот средновековен владетел во периодот на преминот помеѓу 10-11 век на територијата на поголемиот дел на Балканскиот Полуостров, несомнено бил царот Самоил.
Денес кога ќе се спомене името на царот Самоил тоа веднаш кај нашиот граѓанин асоцира на тврдината што го надвишува градот Охрид, островот Голем Град кој се наоѓа во водите на Преспанското Езеро како и на ослепената многу илјадна војска после битката на Беласица. Сепак малкумина знаат за неговото вечно почивалиште на островот Свети Ахил кој се наоѓа во Малото Преспанско Езеро.
Овој малечок остров се наоѓа на 50-тина километри од Лерин и 65 километри од Костур, на територијата на денешна Грција. Името го добил по светецот Свети Ахил кој што своевремено бил епископ на Лариса. Царот Самоил за време на неговиот поход во Тесалија неговите мошти од Лариса ги пренел во новоизградена базилика на островот, која била подигната во чест на овој светител.
Во текот на 1969 година, грчкиот археолог Николаос Муцопулос вршел ископувања во базиликата Свети Ахил. Тој открил посмртни остатоци во четири камени саркофази. После сеопфатни испитувања на локалитетот утврдил дека станува збор за гробовите на Царот Самоил, неговиот син Гаврил Радомир и зетот Иван (Јован) Владимир. Во четвртиот саркофаг биле откриени посмртни остатоци на мали деца за кои се претпоставува дека се синовите на Гаврил Радомир. Тие најверојатно биле убиени по наредба на Иван (Јован) Владислав, за престолот биде наследен од неговиот син.
Врз скелетот на Самоил биле извршени антрополошки испитувања. Добиените резултати потврдуваат дека царот бил висок 160 см и дека во моментот на смртта имал приближно 70 години. Денес посмртните остатоци на царот Самоил се наоѓаат во Солун, поточно во Музејот на византиската култура.
Според извршените испитувања за островот, тој бил населен уште во античките времиња. За време на владеењето на царот Самоил, тука се наоѓал градот Преспа кој бил престолнина на царството. Овде се наоѓала и резиденцијата на царот Самоил. На почетокот на 20-от век на островот живееле членови на семејствата Петковци и Марковци. Денес на островот има мала населба од неколку куќи со наследници на семејството Петковци. Доколку сакате да го посетите островот не е неопходно да поседувате пловило, бидејќи постои пловечки мост преку кој можете да пристапите до него.
Историјата за царот Самоил во добар дел е позната. Тој од Византија успеал да ја отцепи територијата на Македонија (без градот Солун), потоа Подунавска Бугарија, Епир, делови од Албанија како и Тесалија. Исто така, тој ги потчинил српските територии со делови од Босна стигнувајќи дури до Задар. Во исто време вршел и постојан притисок врз Солун и Тракија. Во еден момент успеал да пристигне дури до Пелопонез. Но, како што растела неговата моќ, растела и моќта на неговиот најголем противник – византискиот владетел Василие Втори. Тој благодарение на украинскиот крал Владимир, на кого ја подарил својата сестра, успеал да обезбеди специјална војска Варјази (потомци на викинзите). Со нивна помош успеал да ги елиминира сите внатрешни непријатели во Византија. Подоцна тие под името Варјашка гарда претставувале елитна единица во составот на редовната византијска војска. Варјазите биле толку сурови што често ги ослепувале своите заробеници. Тоа го правеле со помош на киселина. Како последица на ова, несреќникот имал толку оштетен вид, што можел да разликува единствено ден и ноќ.
Откако Василие Втори на сопствената територија ги елиминирал своите противници, тој почнал да врши се поголем притисок врз Самоил. Конечно на 29.07.1014 година, за време на битката кај Беласица, тој на Самоил му го нанел решавачкиот пораз. Во таа прилика и самиот Самоил едвај се спасил пребегнувајќи во Прилеп, оставајќи ја својата војска. По наредба на Василие околу 15.000 заробени војници биле ослепени, додека на секој стоти војник му било поштедено по едно око за да може да ги води назад. Кога пристигнале кај Самоил и кога тој ја видел ужасната глетка паднал духовно и физички. Како последица на оваа тој по два месеци починал од срцев удар.
Текст и фотографија: Игор Петровски