fbpx
ВестиВкусот на традицијатаРурална ЖенаТоп вести

Светлана Петковска-Слаткото од јагоди се служи на тафта со плетена чипка, тогаш се фаќа за душата!

Јаготките се едно од најомилените летни овошја за многумина од нас, во чии вкус подеднакво уживаат и младите и повозрасните. Највкусното овошје богато со витамини и минерали на нашите трпези се јавува сезонски, а се приготвува во различни пити, сокови, смути, џемови и  познатото слатко од  јагоди на кое никој не може да му одолее. Одличен рецепт за слатко од јагоди овој пат, ни открива Светлана Петковска, претседател на Организација на жени од Битола. Слаткото од јагоди е вистински избор за засладување кога во летните месеци ќе ви се најават гости, па како што вели Петковска кога ќе го послужите со чаша ладна вода, во тафта со плетена чипка, тогаш се фаќа за душата.

Рецепт:

Се земаат еден килограм зрели јагоди од локално производство (не увезени), по можност да се слични по големина, за да изгледа слаткото убаво кога ќе се служи.

Се мијат нежно во вода (не под млаз вода, бидејќи јагодите се осетливи на допир), им се вадат петелките.

Настрана во поширок сад, во кој ќе ги собере јагодите во еден или два реда, се раствора едно пакетче лимонтуз во вода. Убаво да се растопи лимонтузот. Се редат јагодите во водата, се оставаат во неа околу 45 минути, малку да се зацврстат.

Се зема еден килограм шеќер. Во убаво тенџере кое не загорува, се редат ред јагоди ред шеќер додека да се потрошат и јагодите и шеќерот.

Се оставаат неколу часа, додека да се спојат јагодите со шеќерот, покриени со платнена крпа (пацета).

Се варат на појак оган (додека да зоврие), а потоа се намалува огнот, се додека не се добие убав густ сируп, кој ќе се провери со ставање на неколку капки на чисто, суво и ладно чинивче.

Доколку во текот на варењето се направи пена, слаткото мора да се отпени со решеткава лажица.

Доколку се вари во тенџере со дебело дно (кое ја задржува подолго топлината) треба да се исклучи нешто порано, бидејќи тие тенџериња ја имаат способноста потешко да се ладат, а со тоа и подолго да го варат слаткото. Значи, да не се превари, бидејќи ќе стане многу густо.

Се трга од огнот, се покрива со влажна памучна крпа и се остава да се излади сосем, до наредниот ден.

Се собира во суви стаклени тегли. Се служи со ладна вода, во тафта со плетена чипка, тогаш се фаќа за душата.

На здравје!

А.Б

Слични написи

Back to top button
Close