fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Кирил Камов-Со „Синпекс“ секоја соработка е со чесен збор!

Кирил Камов -„Синпекс амбасадор“ во интервју за „Зелена берза“

Само чесните луѓе ги поврзува чесниот збор и чесните намери, затоа со децении трае нашата соработка со „Синпекс“ Битола, вака ја започнува својата приказна Кирил Камов 58 годишен земјоделец од гевгелиското село Миравци. Кирил е познат во својот крај и како отправникот на возови во Македонски железници или како што самиот вели „црвенокапец“.

Камов е нашиот „Синпекс амбасадор“ кој оваа неформална „титула“ ја доби поради професионална и пријателска соработка со битолската компанија „Синпекс“ Битола, која трае над две и пол децении.

„Синпекс“-Битола во чест на големиот јубилеј 30 години постоење, на своите долгогодишни и лојални потрошувачи и соработници, земјоделци, им оддава признание за соработката во минатото и денес, но и за онаа што заеднички ќе ја градат во иднина.

„Синпекс“ и „Зелена берза“ го посетија  Камов во неговиот семеен дом во Миравци, а тој како голем домаќин, вреден земјоделец не пречека срдечно со широко отворени врати и искрен разговор.

Топлината и гостопримството во домот на Камови не може да се опише, само треба да се доживее, зашто што Кирил и неговата сопруга Татјана секој момент го прават благороден, исто толку како што се благородни нивните житни полиња, нивите со зеленчук, лозјата и богатиот род.

Она што остава силен впечаток уште со првиот разговор со Кирил се неговите чесни намери да помогне на секому, неговиот чесен збор во вистинска смисла на зборот.

З.Б-„Синпекс“-Битола ве избра за свој „Синпекс амбасадор“ привилегија која ја добија избрани клиенти на фирмата заради долгогодишната успешна соработка, која значи лојалност, доверба и професионалност во секој поглед. Се сеќавате ли на првите средби со тимот на „Синпекс“ и како го доживувате ова деловно пријателство?

Камов-Со „Синпекс“ можеш да си и соработник, и пријател, и другар. Во државата има неколку компании што продаваат земјоделска механизација, но „Синпекс“ се издвојува по срдечниот прием, по гостопримството. Се запознав одамна и со сопственикот Славко Петровиќ и со неговите деца Синиша и Христина, со зетот Леонардо Фуна, соработката почна и од ден на ден растеше таа доверба и взаемна почит. Сега сите во селото ме бараат, им посредувам и им помагам околу изборот на производи од богата палета на „Синпекс“ Битола, затоа што се со одличен, и многу повеќе од тоа, со најдобар квалитет.

Додека сум жив не се откажувам од соработката со „Синпекс“, додека одам, додека ме крепат нозете и можам да работам.

З.Б-Што е она по што „Синпекс“ се издвојува од останатите компании?

Камов-Чесноста! Оваа одлика е обострана. Јас од мал сум така воспитан -„арам пара не“. На кој можеш и колку можеш да му помогнеш, па Господ гледа и враќа.

Затоа велам – чесниот начин на соработка ме поврза со „Синпекс“, никогаш не сум вратен ни од Леонардо, ни од Здравко. Ако си чесен не можеш да заглавиш. Секој денар се знае од каде е дојден и каде треба да оди. Со чесни намери им помагам и на земјоделците, затоа довербата расте од година во година.

З.Б-Вие сте еден од поангажираните  земјоделци во регионот, кога се мисли на обработливите површини и производството на земјоделски производи. Што произведува семејството Камови?

Камов-На површина од 4 хектари произведуваме градинарски култури-зелка и кромид, житни култури, пченка и пченица, а одгледуваме и лозови насади.

Од мои 18 години работам земјоделие, состојбите од секогаш биле лоши, ама тоа е, мора да се работи. Од една плата не може да се живее, а земјоделието иако бара многу труд пак ќе остане нешто за децата. Се додека можам да работам нема да се откажам од земјоделието. Јас и на моите тројца синови им велам – и лекар да си, и економист, и правник, никогаш да не се откажуваш од земјоделието. Ако ништо повеќе ќе имаш храна за себе. Мојот дедо велеше – од земја никој не се збогатил, но никој не останал гладен!

Ја имам потребната механизација, два трактори, две приколки, косачки, се што ми треба. Со сопругата Татјана возиме по еден трактор, работиме и не се жалиме од работа.

З.Б-Како ја оценувате актуелната состојба во земјоделието?

Камов-Откупните цени се за никаде, сепак ќе се надева човек дека ако една година помине лошо другата ќе биде подобра. Па ќе остане нешто. Јас сум оптимист. Сепак, нашата стока се продава многу евтино. Се извезуваат нашите земјоделски производи во држави кои се победни од нас и не може да се постигнат подобри цени. Со многу работа, многу малку ни останува, но не се откажуваме со земјоделието.

З.Б-Во кој правец според вас ќе се движат состојбите во земјоделието?

Камов-Во блиска иднина ќе дојде ден кога ќе недостига храна и земјоделско производство. Ќе дојде ден кога на пазарот ќе нема што да се купи, значи нема да бидат проблем парите, туку ќе нема стока. Ќе нема жито, ќе нема леб.

Всушност ќе биде борба за храна, оти младите не сакаат да работат земјоделие, си одат во странство, или заминуваат во градовите да работат по фабриките. Значи оваа ситуација со недостигот на храна ќе биде уште потешка, народот ќе мора да се свести да работи земјоделие. Имав комбајн и 14 години работев, не можев да поминам од нива до нива, се’ се работеше, сега да отидеш во полето човек да бараш не можеш да најдеш, се е пусто. Миравци е големо село со над 2.000 жители, со околу 500 куќи, но во последните години има помасовно иселување на младите во странство и по градовите низ државата. Во нашето село се продава земја, ама никој не ја купува, а овој наш крај е најпогоден за земјоделие, со најплодна земја за раноградинарски култури. Климата е одлична. Но, морам да посочам дека  голем проблем е и работната рака. Никој не сака да работи како аргат. Затоа кај нас во селото, нашите семејства си помагаме. Денеска кај еден се собира плодот, другиот ден кај другиот. Никој не работи само за себе, туку си помагаме за сите да успееме.

З.Б-Каде ги лоцирате пропустите за ваквата состојба? Дали како земјоделец сметате дека треба менување во државната стратегија за земјоделието, можеби во начинот на распределба на субвенциите?

Камов-Мора да се направи ревизија на терен кој се’ зема субвенции. Инспекторите да излезат по нивите да видат дека се е пусто, а сите земаат субвенции. Не снимки да се прават со дрон, туку на терен лично по ниви. Е сега, дали ваквата состојба се должи на политиката? Во нашето поле има 10 хектари под жито, а се пријавуваат 1.000 хектари. Сите се пријавени за субвенции, а малкумина садат. Субвенциите одат на погрешно место, да не бидам вулгарен, но „ајдуци“ го зедоа државното земјиште и тие ги земаат субвенциите, зашто полето е пусто, не се сади. Тоа значи дека вистинските земјоделци се обесправени. Мора да се направи таа ревизија за субвенциите, за да тргнат работите кон подобро, во спротивно сите гледаме што не чека.

 

Текст-Анета Блажевска

Фотографија-Ивона Кочов

 

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close