fbpx
ВестиТоп вести

„Тиквеш“ од продажба на вина и ракија ќе направи 28,8 милиони евра!

„Тиквеш“ има амбициозен план, кој ако се оствари, ќе ја лансира цената на акцијата на најголемата домашна винарија. Раст на приход од продажба и раст на добивката пред оданочување за 14,5 отсто. При тоа намалување на финансиските расходи во однос на 2018 година за 23 отсто. За половина година приходите од продажба изнесуваат 13,64 милиони евра, а оперативната добивка надмина 1 милион евра

Менаџментот на најголемата македонска винарија „Тиквеш“ ги објави податоците од својот бизнис план од кој се заклучува амбицијата на компанијата да ги зголемува приходите од продажба и добивката од работењето. Според планот годинава се очекува продажбата да достигне 28,8 милиони евра и во споредба со лани да биде поголема за 3 милиони евра што е раст над 10 отсто. Станува збор за проектирана продажба на 13 милиони литри алкохол.

Од планот, објавен на веб страницата на берзата, се гледа дека нето приходите по одбивање на рабатот се проектирани на 26,52 милиони евра, а бруто добивката е планирана на 13,18 милиони евра. По одбивање на комерцијалните трошоци бруто добивката се планира на износ од 10,44 милиони евра. Многу е значајно тоа што годинава се планира големо намалување на финансиските трошоци на компанијата. Имено тие се планирани на 439.000 евра што е за 131.000 евра односно за 23 отсто помалку од 2018 година.

Добивката пред однаочување за оваа година е проектирана на 3,58 милиони евра. И ако се оствари тоа профитот на „Тиквеш“ пред оданочување ќе биде за 14,5 отсто поголема од 2018 година.

Како беше лани?

Најголемиот македонски производител на амбалажно вино и ракија, кавадаречки „Тиквеш“ лани направи приходи од продажба од 25,83 милиони евра и тие во однос на 2017 година се поголеми за 2,2 милиони евра односно за 9 отсто. На домашниот пазар „Тиквеш“ лани реализирал приход во износ од 14,9 милиони евра што е за 9 отсто повеќе од претходната година. Извозот на „Тиквеш“ лани надминал 11 милиони евра и во однос на 2017 година е поголем за 10 отсто.
Овие податоци покажуваат дека вложувањето во акции на „Тиквеш“ на среден рок треба да биде добра инвестиција и покрај тоа што цената на таа акција во последниве шест месеци бележи значаен раст и покрај тоа што компанијата досега не дели дивиденда.

Зошто акцијата на „Тиквеш“ е магнет за инвеститори?

Бруто добивката на крај на 2018 година изнесува 10,65 милиони евра, а компанијата продолжува да вложува во стратегијата за промоција. Нејзините трошоци за маркетинг и продажба односно дистрибуција лани достигнале 2,26 милиони евра и се за 33 отсто повисоки од истите во 2017 година. Компанијата во континуитет вложува во маркетинг, а ефект има затоа што перманентно растат и нејзините приходи од продажба дома и во странство и тоа во остра конкуренција со домашни и со производители на вина на меѓународните пазари. Оперативната добивка стагнира и е на речиси исто ниво како и во 2017 година и изнесува 3,6 милиони евра.

Значајна расходна ставка остануваат да бидат трошоците за камати. Финансиските расходи за 2018 година се 570.000 евра. Тоа е значаен износ, но многу е важно да се истакне дека тие се за 26 отсто помали од истите во 2017 година. Тоа е охрабрувачка вест за инвеститорите затоа што трендот на намалување на овие трошоци ќе следи и во иднина и тоа позитивно треба да влијае врз идните добивки на компанијата.

Вкупната добивка за 2018 година е за 15 отсто повисока од претходната година и изнесува 2,85 милиони евра. Тоа значи дека нето добивката по акција за лани е 10,5 евра. Во однос на последната пазарна цена потенцијалниот принос е 12 отсто!

 


 

faktor.mk

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close