fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

„Тиквешки гроздобер” викендов во Кавадарци

Тиквешкиот гроздобер нуди забава за сите возрасти – од изложба на олдтајмери до модна ревија и карневал

Кавадарци викендов ќе биде центар на сите случувања со „Тиквешки гроздобер”, вековната традиција, стопанско туристичката и културна манифестација. Ова денеска го соопшти градоначалникот Митко Јанчев, на прес – конференција.

Тој најави дека во петок, сабота и недела, Кавадарци ќе биде преплавен со посетители од цела држава и од странство.

– Изложба на олдтајмери, таблијада, изложби на уметнички дела, настап на детски фестивали, меморијален турнир „Сестри Китеви”, подготвување на најразлични специјалитети од грозје, вино и маџун, традиционални вечери на староградска песна и гостување на музички звезди од Македонија и поранешните ЈУ простори, во приказната наречена „Тиквешки гроздобер”. И главната карневалска поворка, белегот на оваа манифестација низ годините, со учество на карневалски групи од Македонија и надвор од неа, најави градоначалникот.

Се заблагодари на генералните спонзори, како и на сите други општествено одговорни компании што даваат поддршка.

– Што се однесува пак до безбедноста на самата манифестација и годинава сите потребни институции и од Кавадарци и од Македонија се организирани, подготвени и мобилизирани и се надевам, дека, како и во претходните години, ќе помине се во најдобар ред. Само во делот на паркинг места се вклучени околу сто луѓе, тука се пожарникарите за логистичка поддршка и да не набројувам, со еден збор секој си ја знае својата работа. Затоа што верувајте нема поубава манифестација од таа, кога знаете дека сте направиле се да ги угостите најдобро што можете и заштитите, луѓето кои ви направиле чест со своето присуство, подвлече Јанчев.

Лилјана Митрова, портпарол во Општината, се осврна на програмската содржина на манифестацијата.

– Како и секогаш ветуваме многу културни и многу музички настани, рече таа.

На агендата, меѓу другите се и настапите на Лара Иванова, Пајак, Реља, Милица Ризо, Милица Павловиќ, Ацо Пејовиќ и други.

Ќе има и возење со новиот туристички воз „Гроздоберко”, модна ревија насловена ,,Тиквешки гламур и уметност во боите на винската традиција” во соработка со Љубица Мешкова Солак и Сербез, дегустација на храна, вино и ракија.

– На Тиквешкиот карневал на градскиот плоштад, белег на Тиквешкиот гроздобер, традиција која датира од далечната 1960 година и на кој учество ќе земат повеќе од 800 учесници и околу 33 карневалски групи односно поставки како од Македонија, така и од цел Балкан, Словенија, Црна Гора, Бугарија, Србија и Грција, и оваа година со задоволство најавувам дека ќе бидеме домаќини и на гости од Италија, Турција и Шведска, додаде Митрова.

На детското карневалско дефиле, учесници ќе бидат над 1.200 дечиња од сите основни училишта во општината.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close