fbpx
Агро бизнисВестиВкусот на традицијатаМакедонијаТоп вести

Традиционалната зимница станува луксуз

Рекордно високи цени на зелените пазари

Оваа година се чини дека голем дел од граѓаните поради превисоките цени на земјоделските производи ќе се откажат од правењето на традиционалната зимница. Нашите соговорници коментираат дека годинава се рекордно највисоки цените на зелените пазари и велат дека тоа ги одвлекува дури и од идејата да направат зимница. Ако минатата година везените пиперки можеа да се купат по ценат од 50 до 70 денари, оваа година чинат од 70 до 120 денари за килограм, па многумина и не помислуваат да обесат некоја низа или, пак, да направат лутенка, пеглани пиперки и други зимски специјалитети. Прескапо е велат и приготвувањето на традиционалната салца или за некои омилената домата, мелена салата и слично, бидејќи и доматите се скапи и се продаваат по цена од 50 до 80 денари.
Освен за зимница, од домашниот буџет во септември се потребни средства и за многу други нешта, како на пример за опремување на учениците, па пресметките на граѓаните покажуваат дека ќе треба од некои нешта да се откажат. За многумина во вакви околности со високи цени се чини поисплатлива е варијантата да купуваат тегла по тегла од маркетите, наместо самите да приготвуваат зимница или слатко. Иако домашниот ајвар, лутеницата, пинџурот и малиџаното се незаменливи, како и разните видови слатко и пекмез од овошје, сепак, многумина се откажуваат од помислата за приготвување зимница токму поради високите цени.

За правење на домашното слатко од смокви, еден килограм смокви на пазарите се продава по 100 денари, колку што приближно чини и една тегла слатко купена во продавниците. Модрите сливи, кои сега се купуваат за приготвување пекмез, ако лани се продаваа и по 10 денари за килограм, оваа година чинат од 25 до 50 денари.
– Годинава тешко ќе биде да се направи барем нешто од традиционалните зимници, кои досега сме ги приготвувале. Во време кога треба да се нанижат везените пиперки, цените се изгор и достигнаа до 100 денари за килограм, а барем три-четири низи треба да се обезбедат за зима. На нашиот локален пазар едвај се испазаривме за по 70 денари за килограм. Трговците никако не ја спуштаат цената. Со овие цени на пиперките ќе размислам за приготвување апетитка, која традиционално ја правам и беше задолжителна во целата моја зимница. Многу е скапо. Време му е и за салца, но кога гледам дека доматите чинат од 50 до 70 денари за килограм се прашувам дали да правам. Веќе неколку години не правам ниту ајвар, туку купувам по една тегла по потреба, но со овие цени којзнае и купениот годинава колку ќе чини – вели Снежана Стојмановска, невработена домаќинка.
Економистите, пак, прогнозираат и подлабока криза, а велат дека и натаму цените на храната ќе растат.

– Кога се во прашање зимниците, апсолутно сега сме во миг на едно сезонско влијание, во кое во однос на цените ништо добро не нѐ очекува ниту во иднина. Поради последиците од пандемијата, кај населението се чини поголема е грижата за здравјето. Но и во иднина ќе се соочуваме со проблемот на инфлацијата и не само поради цените на земјоделските производи. Невозможно е оваа криза толку долго да трае, никој веќе не ги спомнува фамозните пакети на Владата и сметам дека ќе следува подлабока и тешка ситуација. И ова влијание на побарувачката на производите за зимница ќе придонесе цените на бараните производи и натаму да растат. Никогаш овој раст на цените не одел само на одредени производи, бидејќи влијанието е верижно. Ако се зголемат цените на дериватите, тоа ќе има влијание и на цените на храната и без сомнение ќе бидат погодени најсиромашните слоеви, пензионерите со ниски пензии, вработените со ниски плати и невработените. Пандемијата дефинитивно ќе нѐ направи посиромашни и влијае многу на растот на цените на храната – вели Џевдет Хајредини, економист и поранешен министер за финансии.
И самите продавачи на зелените пазари искрено признаваат дека оваа година цените се многу повисоки од минатогодишните, а поради тоа ретко се купува и велат дека заработувачката им е никаква.

– Производите за приготвување на традиционалната зимница оваа година навистина се поскапи од лани. За пиперките можам да кажам дека се нешто поскапи од лани, а доматите минатата година беа многу поевтини. И модрите сливи, кои во овој период домаќинките ги купуваат за правење пекмез, се сеќавам дека минатата година ги продававме и по 10 денари за килограм, а сега ги продаваме од 25 до 50 денари и на купувачите им е скапо. Дињите оваа година чинат од 30 до 40 денари за килограм додека изминатата година се продаваа по 25 денари. Малку има купувачи, некои не доаѓаат на пазар поради пандемијата, а други бидејќи немаат пари. Оние што веќе дошле, пак, многу често ќе прашаат за цена и ќе нѐ одминат, па затоа и тешко е да се продаде. И Бит-пазар, кој важеше за поевтин пазар од другите пазари во градов сега станува скап пазар за граѓаните. Не можеме ништо да продадеме, а ако зеленчукот или овошјето долго стои на тезга скапува и го фрламе. Веќе станува неисплатливо да се работи, бидејќи многу губиме и не заработуваме – вели Мамер Салиевски, закупец на тезга на Бит-пазар.
Од Комората на трговци се со надеж дека кога пазарите ќе се снабдат уште повеќе од годинешниот род, можеби цените ќе паднат, во спротивно граѓаните ќе мора да се откажат од правењето зимници.

– Дефинитивно цените на бараните производи за приготвување на традиционалната зимница се високи, но можеби актуелната состојба е поради тоа што сега се нудат производи од почетната берба на родот. Да се надеваме дека кога пазарите ќе се натрупаат со производи можеби и цените ќе паднат на најбараните производи, како што се пиперките, доматите, корнишоните… Но да не заборавиме дека, секако, влијание на растот на цените има и долгото сушно лето, градот што уништи голем дел од родот и како и секогаш што велиме понудата и побарувачката ќе си го направат своето. Ако продолжи овој тренд со растот на цените, тогаш имаме проблем, но јас мислам дека сѐ уште не е понуден целокупниот род. Од друга страна, пак, имаме економска криза, која секако има влијание на цените. Ако гледаме од економски аспект на приготвувањето на зимниците, тогаш веројатно ќе мораме да се откажеме од традиционалното, иако домашниот ајвар е незаменлив. Но прашање е колкави ќе бидат и цените на готовата зимница во продавниците, ако производите се скапи – смета Екрем Долек, од здружението на пазарџии „Просперитети“ и претседател на Комората на трговци.https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close