Три камиони со праски вратени во земјава по забраната која ја воведе Русија
Од денеска важи забраната за увоз на македонските праски во Русија, поради присуство на штетник. Три камиони веќе се вратиле во земјава, а се очекува да бидат вратени уште три, што во меѓувреме чекале за влез во Русија. Од Македонско-руската стопанска комора велат дека надлежните служби во земјава работат на санација на проблемот и очекуваат брза разрешница на ситуацијата.
“Знаеме дека се преземени мерки за третирање на површините каде се појавени штетните материи. Очекуваме во најскор рок времената забрана да биде поништена. Тоа го темелиме на фактот дека веќе е воспоставен контакт меѓу надлежните органи и согласно праксата во Русија. Имено, по известување од нашите органи за третман и извршена контрола, се укинува таков вид на забрана.”, вели Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руска стопанска комора.
Околу 80% од праските наменети за странските пазари вообичаено одат за Русија. Според откупувачите, со секој вратен камион тие губат меѓу 4.000 и 5.000 евра.
Од Министерството за земјоделство велат дека откако цела недела работеле на изнаоѓање алтернативни пазари за македонските праски, денеска откупувачи од Англија и Косово се во Росоман со цел да се договори извоз за количините што веќе се подготвени.
Дел од производителите сметаат дека ваквата одлука на Русија е политичка.
Откако претходно годинава Русија врати 17 тони македонски домати поради присуство на штетник, а сега истото се случува и со праските, и производителите на јаболки од земјава изразија загриженост за својот пласман. Со оглед на тоа што повеќе од 60% од нивното производство е наменето за рускиот пазар, тие стравуваат дека може да се соочат со сличен проблем.
Времената забрана што ја објави Руската федерација почна да важи од денеска, а до кога ќе трае ќе се знае по контролите на надлежните органи од двете земји, што веќе се во тек. Годинава од кај нас за Русија извезени се околу 3.000 тони праски. Времената мерка, освен за Македонија, важи и за Србија.