fbpx
ВестиТоп вести

Три жени – три успешни бизнис приказни 

Сите титули се небитни, битни се резултатите што ги оставаме во нашето општество, што ги креираме, тоа се вредности на претприемачите кои што сакаме да ги всадиме кај сите вас, е пораката од втората по ред  Womenpreneurs Stories Битола. Преда плус фондацијата е организатор на проектот  инспириран од слични вакви настапи на успешни жени низ светот.

Пред  битолчани своите инспиративни бизнис приказни ги споделија  Билјана Илиева  Ванчевска  сопственик  на заботехничка лабораторија „Ла Про Дентал“, Христина Фуна- менаџер во Синпекс ДОО-Битола  и Софија Ристевска- Петрушева, режисер и сопственик на Интимен театар -Битола.

 

Билјана  Илиева Ванчевска  својата презентација  ја нарече „Успехот наспроти стравот“ алудирајќи  на тоа дека за се што сакаме да направиме во животот  најпрво се соочуваме со стравот.

-Сигурно сте имале многу можности во животот и сте ги одбиле заради страв, всушност разликата меѓу претприемачите и оние што останале цел живот вработени е тоа што претприемачите научиле како да го премостат стравот и да гледаат кон целта. Другата страна е одлагањето на работите. Во Битола велиме „кога ќе му дојди денот“, е ако во бизнисот чекаме да му дојди денот, денот ќе му замини.  Значи успехот е на другата страна од стравот, тој е планиран процес, рече Ванчевска.

Таа како жена претприемач даде своја дефиниција и за изреката „изигра машки“, мислејќи на храброста со која една жена влегува во бизнисот.

-„Изигра машки“, значи изигра без мислење, бидејќи ние жените сме големи аналитичари, ќе најдеме илјада причини зошто да не го направиме нештото, а мажите се прагматични –влегуваат во бизнисот, рече Ванчевска.

Христина Фуна, менаџер во Синпекс ДОО-Битола, компанија лидер во продажбата на земјоделска механизација во државата, мотивот за својата успешна животна приказна на претприемач  го црпи од како што рече „она што го научив од мојот татко од мала, во мојот речник да не постојат зборовите-не можам, не сакам и не смеам. Тоа мото не води и денеска во фирмата и не носи во самата работа“, рече таа.

Фуна како поранешна репрезентативка во ракомет, бизнисот го спореди со лекциите што ги научила во спортот.

-Талентот  е само еден отсто од тоа што ние можеме да го оствариме како успех, значи ни треба многу труд и работа за вистинските резултати. Спортот не учи и да губиме, да се носиме со тој пораз и да извлечеме поука од тоа. Да ги видиме нашите слаби страни. Тој не учи и дека секогаш судиите не се на твоја страна, па често ќе бидете во ќош од причини против кои не може да се борите, па мора да ги прифатите или  да најдете начин да ги избегнете. Животот може да го споредиме и со топката, да ја држиме што подолго во свои раце, да не дозволиме противникот да постигне голови. Натпреварот да биде на наша страна, зошто во животот  некогаш и немаме второ полувреме, рече Фуна, напоменувајќи дека тимската работа е исклучително важна, зошто без добар тим никој не може да постигне успех .

Како една од првите луѓе на Синпекс ДОО –Битола, компанија кој следната година ќе слави јубилеј 30 години работа,  Фуна раскажа дека компанијата е основана од нејзиниот татко во 1990 година, чии почетоци биле во една мала канцеларија како фамилијарна фирма со неколкумина вработени.

-Имавме еден период, кога почина мојот татко и кога мислевме дека тука ќе биде крајот на компанијата, или барем дека не ќе можеме да се движиме со тој раст. Но, добро е кога семејството е сплотено и сите одлуки ги носиме заедно. Денеска имаме фирма која оди напред  со седумдесет и шест вработени. Презадоволни сме од тимот кој го имаме. Нашата компанија повеќе од седум години е меѓу првите двеста  најдобри компании во државата. Она што треба да го работиме сега е нашата општествена одговорност кон градот, кон младите, кон децата, потенцираше Фуна како жена претприемач која како што рече низ животот ја води нејзиниот интегритет.

Фуна даде пример и за тоа како треба да се иницираат нови иновативни решенија во бизнисот.

-Во склоп на нашата работа дојдовме до идеја како да ги едуцираме земјоделците  во делот на современите начини на обработка на земјата. Напочеток  направиме портал „Зелена берза“, а потоа почнавме со уредување и печатење и на весник „Зелена берза“. Сега меѓу земјоделците делиме 4 500 бесплатни примероци од списанието кое се печати на над 60 страници. Имаме 19 000 фанови на фејсбук, 2100 претплатници на вести, 40 000 посети на порталот. Кој се занимава  со ова знае дека е голем успех за специјализирани медиуми за земјоделство. Така да, ако имате своја идеја, да знаете се може да се реализира. Само да не се подлегне на она битолското „ова  не ти одговара“, рече Фуна , најавувајќи дека во следниот период ќе се фокусира на подигање на значењето и улогата на руралната жена во општеството.

Софија Ристевска- Петрушева, режисер и сопственик на Интимен театар –Битола својата работа иако не ја смести во класична бизнис приказна сепак како уметник  на инспиративен начин го објасни своето менаџирање.

– Мојот Интимен театар функционира во рамките на Хотел театар кој е сопственост на мојата фамилија. Значи мојот бизнис , ако може да го наречам бизнис функционира како „гребење“ од малиот приватен бизнис што го има моето семејство. Значи ние финансиски се гребиме, практично експлоатираме друг мал бизнис за да постоиме, рече Ристевска- Петрушева напоменувајќи дека секој еден билет што се купува за претставите на Интимен театар е многу важен за неа, бидејќи функционираат со многу мали средства.

-Основна тема на Интимен театар е социјалниот момент, да зборуваме за приказни на луѓе кои се загрозени, кои живеат на маргините. Јас сум родена во семејство на психијатри и за мене е многу важен човекот како единка и нивните приказни за да може да се бориме против  оваа страшна глобализација која што не опфаќа во моментот,рече Ристевска- Петрушева .

Таа веќе три години со свој тим  води школа за деца по глума, каде основно мото е да се работи во група.

 

А. Блажевска

 

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close