
Трипуновски: Нема никаква опасност по ИПАРД-средствата, ниту, пак, за националните плаќања кои ги има државата
Изјавата на министерот доаѓа откако претходно денеска, пратеникот од редовите на СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, рече оти располагаат со информации дека земјава ризикува да ги изгуби парите од програмата ИПАРД-3
Случајот со земањето мито од страна на директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој е јасен показател дека законите важат подеднакво за сите сегашни и поранешни функционери и затоа апелирам овој случај да се истражи докрај, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Во однос на обвинувањата од опозициската СДСМ дека поради овој случај се доведени во ризик средствата од Европската Унија за програмата ИПАРД-3, Трипуновски вели оти такво нешто не постои, односно нема закана ниту за ИПАРД-средствата, ниту, пак, по националните плаќања што ги има Македонија како држава.
„Владата покажува неселективна борба против корупцијата и злоупотребата на службената положба. Ваквите случаи во минатото не се случуваа, некако претходната власт сакаше да го затскрие секој криминал. Под притисок на јавноста можеби ќе се преземеше некаква активност, повеќе шминка отколку дела. Ги охрабрувам надлежните институции да го истражат целиот случај докрај затоа што само на тој начин ќе можеме да превенираме некакви идни дејствија во иднина“,
рече тој.
Во однос на барањата за негова оставка од функцијата, рече дека тој не гледа никаква поврзаност оти Агенцијата е посебна институција, со посебен менаџмент, управувачко тело и токму затоа упати апел случајот да се истражи во целост и доколку има одговорност, да се дејствува согласно законот.
Претходно денеска, пратеникот и поранешен министер за земјоделие од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски, рече оти коруптивните шеми и злоупотреби во секторот земјоделство, поврзани со кадри од ВМРО-ДПМНЕ, сериозно ја доведуваат под прашање европската поддршка за реализција на програмата ИПАРД-3 во вредност од 128 милиони евра, а скандалот со директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, ја потврдува сликата за заробени институции и политички клиентелизам.




