вестиЕкологијаТоп вести

Стоп за неоникотиноидите – убијците на пчелите

 

Европската комисија пред шест месеци ја забрани употребата на неоникотиноидите на отворен простор а ги остави за употреба само за во оранжерии откако се утврди дека тие се одговорни за губењето на дивите и медоносните пчели. Една од главните причини за синдромот на празни пчелини кошници кој ја загрижуваше Европа беа токму неоникотиноидите за кои европската агенција  за безбедност на храната ЕФСА направи опсежни анализи и и предложи на европската комисија да ги забрани. Но европските земји само Франција ја сфати сериозно работата па отиде чекор понатаму и целосно ја забрани употребата на оваа група на пестициди.

-Ова е релативно нова група на пестициди кои во 2005 добиваат прв пат зелено светло но стануваат за кратко време многу употребувани заради нивната ефикасност. Како што за кратко време се шират така за кратко време се осознаваат и негативните последици од нивното делување особено врз пчелите. Бидејќи се системични пестициди од нив страдаат пчeлите иако не се директно испрскани бидејќи растенијата ги лачат овие нервни отрови и во поленот и нектарните жлезди што ги прави често изложени на неоникотиноидите. Ваквата изложеност на неоникотиноидите ги прави пчелите послабо отпорни на паразити и болести заради што и драстично почна да се намалува нивниот број во рамките на Европа, рече професор д-р Станислава Лазаревска ентомолог на факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

Заради штетноста на оваа група на пестициди во која спаѓаат неколку активни материи самите хемиски фабрики производители одлучуваат повеќе да не ги произведуваат и да не ги бранат пред европската комисија. Таков е примерот со швајцарскиот гигант Сингента кој за активната материја Тиаметоксам за кој дозволата истекуваше во април 2019 одлучи повеќе да не го брани а со тоа и да не го произведува додава професорката Лазаревска . Според неа останува уште активната материја Имидаклоприд која има дозвола до 2022 година за која Баер треба да одлучи во Јануари дали ќе ја брани а со тоа и дали ќе ја произведува уште две години. Оваа група на инсектициди станаа едни од најупотребуваните и според слободни проценки половината од инскетициди отпаѓаа на неоникотиноидите.  Тие во некои случаи се и 100% застапени кај пченката, сончогледот или маслодајната репка заради големата ефикасност против инсекти со устен апарат за бодење и смукање.

-Фитосанитарната управа ги следи директивите  од Европа за примена на пестицидите во земјоделството  за да се адаптира нашето земјоделство и да биде подготвено за да може да извезува на пазарите во унијата. Заради ова сметам дека треба што побргу да се донесе и новиот закон за фитофармација со нема да може секој да оди во земјоделска аптека и да купи што сака и да не знаеме кога прска, со што прскал во колкави дози и дали е запазен периодот на каренца туку тоа ќе може да го првата само лица со лиценца за фитофармација рече Лазаревска.

Пчеларските здруженија загрижено ја следат состојбата со неоникотиноидите во земјоделството. Тие уште лани на првата прослава на денот на пчелите испечатија постери токму со пораката да се запре употребата на неоникотиноидите кои се погубни за пчелите.

-Данска ја започна постапката за забрана на неоникотиноидите во 2012 година по што ЕФСА ги направи анализите и следеа забраните од Евроспаката Комисија. На позитивната листа во Европа се останати три активни супстанци од кои само една е застапена кај нас со 7 препарати кои се регистрирани од активната материја Имидаклоприд. Оваа активна материја има дозвола за тргување до 2022 година но нејзината употреба е ограничена само во оранжерии и таа регулатива и кај нас е усвоена рече Александар Диље од министерството за земјоделство.

На последната седница на комисијата за заштитни средства во Ноември е донесена одлука да не се употребуваат на отворено овие неоникотиноидите но законот дава можност од 12 месеци за да се дотрошат залихите што значи дека и во 2020 година ќе се употребуваат на отворено а дури потоа ќе остане можноста само за во затворен простор. Останува понатаму на одлучноста на институциите оваа оставена можност во земјава да влегуваат како за употреба во оранжерии  а да се прска со нив и по овоштарници и лозја да ја санкционираат и сузбијат. Според проценките ако имаме околу 200 хектари под оранжерии би требало увозот за две години да биде најмногу до 200 килограми од оваа активна материја наместо сегашните 20 тона колку што неофицијално се трошат во земјоделството.

-Министерството за земјоделство е во интензивни подготовки за оваа активност заради што и средствата за мониторинг од 8 милиони денари се зголемени на 22 милиони денари за да се следи дали се применува оваа уредба односно дали неоникотиноидите се употребуваат само во затворен простор, додаде Диље.

Освен директно што се погубни за пчелите оваа група пестициди се и економски многу штетни бидејќи може ако и натаму се употребуваат може да ни се вратата извезени производи од европскиот пазар и да земјава да добие негативен статус за извоз. За ова да не ни се случи се планира наскоро да профункционираат и задолжителните евиденциски листи на кои се води целосно контрола околу употребата на пестицидите што ќе биде еден од условите за добивање на субвенции.

З.Б.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close