Турски производители на украсно цвеќе бараат партнери во Македонија

(Oвој напис е објавен на: December 11, 2017)

Оваа недела во работна посета на Македонија ќе дојдат турски компании кои што произведуваат орнаментално, украсно цвеќе. Тие бараат партнери за заедничко производство и настап на трети пазари.

Од Македонско-турската стопанска комора (МАТТО) информираат дека станува збор за членови на Асоцијацијата на производители и извозници на цвеќе за просторно уредување кои ќе имаат Б2Б средби со македонски фирми.

Асоцијацијата е основана 1999 година за да го претставува и поддржува секторот за производство и трговија со орнаментални растенија и да го развива извозот. Во 2016 година Турција има извезено преку 100 милиони долари од овие производи, а планот е до 2023 извозот да надмине 500 милиони. Се извзува во 65 земји од кои најголеми купувачи се Туркменистан, Холандија, Англија, Германија и Ирак.

Според некои проценки во Турција по глава на жител се трошат по пет евра годишно за купување на украсно цвење, а извозната индустрија вработува 25 илјади луѓе, додека домашната над 300 илјади.

Производството на цвеќе во Македонија е доста раширено, особено во југоисточниот дел, струмичкиот и гевгелискиот регион како и во Скопје.

– Но, во Македонија денес производството на цвеќе е семеен бизнис кој се развива на мали парцели, по пластеници, а продажбата е главно по пазарите. Производството во стакленици е многу скапо бидејќи бара затоплување во текот на зимата. Поевтино е да се увезе од држави во кои цвеќарството е традиција, отколку да се произведува дома, велат од Комората и додаваат дека речиси 80 отсто од цвеќето кое се продава на домашниот пазар е од увоз, сметаат од МАТТО.

Од МАТТО порачуваат дека време е во Македонија да се развие стратегиски пристап кон овој тип индустрија и да се размисли за обезбедување поддршка преку субвенции и поттикнување на домашни и странски инвестиции.

– Осумдесетите години произведувавме и го извезувавме цвеќето со поддршка на холандски партнери, истакнуваат од Македонско-турската стопанска комора.

Share Button