Тутунарите одбиваат нови договори, бараат да се преземе целиот тутун и да се измени Правилникот за откуп
Што побрзо да заврши откупот на тутунот и да се преземе вишокот, барем во законскиот рок, а потоа да се склучуваат договори за новата реколта, но прво со измени на Правилникот за тутун. Ова го бара Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија по денешното собрание во Прилеп кое донесе заклучоци.
Според Менде Стомнароски, претседател на Сојузот, фирмите ветиле дека до вчера, ќе го откупат сето што е договорено, но досега се откупени 23.000 тони тутун.
– Освен тоа најавија и дека ќе откупат уште 2.500 тони, вишок тутун, но тоа да биде што побрзо, барем во законскиот рок до крајот на февруари и веднаш да се достави и картонска амбалажа. Нашите пресметки за вишокот тутун се од 2.000 до 2.500 тони и очекуваме да не остане ниту килограм вишок тутун, доколку откупувачите го исполнат ветеното. Но, ветија дека ќе достават и картонска амбалажа. Ги повикуваме откупувачите од понеделник да почнат да делат картонска амбалажа и вишокот да се преземи, барем, до крајот на законскиот рок на откупот, 28 февруари, а не да остане и ситуацијата да се развлекува. Некои фирми уште во текот на вчерашниот ден почнаа да преземаат вишок тутун, но првата берба и четвртата класа им ги враќаат и не им ги земаат. Го земаат само поквалитетниот тутун, а рекоа дека ќе го откупуваат вишокот, без разлика на берби. Бараме од понеделник да не се затворат пунктовите, вишoкот тутун да се преземе што може побрзо, изјави Стомнароски.
Од Сојузот нагласуваат дека нема да дозволат склучување договори за новата реколта пред да се дооткупи родот и да се земат предвид предлог имените на правилникот за тутун со кој се бара откуп во три класи, четвртата да биде збирна класа и зголемени цени на откупот.
– Откупувачите нудат предлог договори, а ние од министерот за земјоделство и од инспекторатот бараме да се донесе одлука да се одложи потпишувањето на договорите за новата реколта тутун. Тоа да се одложи додека не се откупи сиот тутун и додека не седнеме да преговараме, заедно со откупувачите, со Министерството за земјоделство, инспекторатот и Стопанската комора за текстот на договорот и за измена на Правилникот. Во новиот Правилник бараме: тутунот да се цени во три класи (прва, втора и трета), четвртата да биде збирна класа. Во првата класа да влезе и горниот среден лист, или поинаку речено третата берба со листовите до 16 сантиметри, а подбирот да биде во третата класа, а четвртата да биде збирна во која ќе влезе се што е оштетено, за да нема проблеми како годинава кога се ценеше според шифри. Со измените на Правилникот предлагаме и одбитокот да се проценува според класите: за првата да биде 1 насто, за втората 2, а за третата класа 3 насто, или вкупно за сите класи да не биде поголемо од 4 проценти. Oсвен тоа, бараме и зголемување на цената по класи: за прва да биде 280, за втората 220, за третата класа цената да биде 170 денари, а четвртата, збирната класа да биде 90 денари за килограм. Сите компании кои ќе откупуваaт да имаат исти цени за да не се создадат проблеми повторно, објаснува Стомнароски.
Сојузот в понеделник ќе ги извести министерот за земјоделство, Инспекторатот, Стопанската комора и откупувачите, заедно со тутунопроизводителите за да одржи јавна дебата во Прилеп на 28 февруари за овие барања и измени на Правилникот. По договорот за измените, да почне да се склучуваат договорите за новата реколта. Инаку, за измените на Правилникот е надлежно Министерството за земјоделство. Дотогаш нема да дозволат да се склучи ниту еден договор.
Тутунските здруженија од повеќе региони велат дека сѐ уште има проблеми со откупот: нема доволно картонска амбалажа, а се купуваат поквалитетни бреби, другото се враќа назад.
– Целиот тек на откупот годинава беше лош. Kрајот е уште полош зашто откупувачите гоземаат само поквалитетниот тутун, според шифри, а другиот го враќаат, вели Сулејман Абази, тутунско здружение „Зелен лист ориентал“ од Крушево.
– Откупот и во радовишкиот регион се одвива отежнато. Наша проценка е дека на теренот има уште 500 до 600 тони тутун. Луѓето многу се заинтересирани да им с еоткупи тутунот што поскоро. Сега проблем се јавува со недостигот од картонска амбалажа, но се надеваме дека откупните фирми ќе се држат до ветувањето, објаснува Јован Ердоганов, од здружението „Ориентал табак“ од Радовиш
-Во Долненска општина има уште за откуп околу 1 500 тони, а половината е со договор. На тутунарите не им се зема сиот род, туку само поквалитетните берби, другото им се вража назад, смета Муса Ибраимоски од здружението „Златен лист“ од Долнени.
Инаку, Министерството за земјоделство најави пролонгирање на откупот до крајот на март. https://nezavisen.mk/tutunarite-odbivaat-novi-dogovori-baraat-da-se-prezeme-celiot-tutun-i-da-se-izmeni-na-pravilnikot-za-otkup/