fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Тутунопроизводители од Пелагонија останаа без договори за откуп на тутунот

Време е за склучување договори за откуп на тутунот за реколтата 2020 година со откупните претпријатија, во тек е и производство на расад за тутун во леи. Снабдувањето со семенски материјал е регулирано од страна на откупувачите на тутун кои ги задолжуваат  тутунопроизводителите со склучувањето на договорот.

Откупувачите на тутун од Пелагонискиот Регион им ги откажуваат договорите за откуп на тутунот на дел од производителите. Оставени во неизвесност, тутунопроизводителите бараат помош од државата  во надминување на состојбата, зашто како што велат ваквата ситуација и неизвесност за новата реколта 2020 ќе ја загрози нивната егзистенција.

Исмаилаки Ибраимовски (45) од селото Црнилиште, Општина Долнени, се жали дека Тутунскиот комбинат од Прилеп, како и откупувачите од Битолскиот Регион, веќе не им потпишуваат договори за откуп на тутунот, што ги ставаат во незавидна положба. Во Црнилиште има околу 2500 жители, односно 450 семејства кои егзистенцијата ја обезбедуваат од производство на тутун, од нив околу стотина семејства годинава останаа без договори за откуп на тутун.

-Во нашето село кај битолските откупувачи на тутун имавме 250 договори, сега се укинати 100 договори. Никој не ни ја кажува причината, зошто е тоа така, а ние сметаме дека навистина нема вина кај нас за тоа. Иста е ситуација и кај прилепскиот откупувач, само откупувачот во Кавадарци ни ги продолжи договорите. Јас лично 27 години имав договор за откуп на тутунот во Прилепскиот комбинат, сега без образложение не ми го продолжуваат. Неколку пати прашав зошто ме отфрлија, немаат одговор, се жали Ибраимовски, чие семејство годишно произведува и до 4 тони тутун.

 

 

Ибраимовски се сомнева дека ова е сигнал дека тутунот веќе нема да биде фаворизиран како во изминатите години, па сега земјоделците треба да размислат со кои други земјоделски култури ќе ги засадат нивите за да опстојат.

-Ова за нас е голем страв, стрес дека тутунот нема повеќе да оди како досега. Мислиме дека сакаат да ни кажат полека да се откажеме од тутунот. Ама ако е така, тогаш многу од нас ќе заминат во странство, како што и многу досега се иселија, зошто ова е голем притисок, работиш, а не знаеш што ќе се случи, дали ќе ти го откупат тутунот, или ќе ти остане. И од ланската реколта остана тутун неоткупен, се цени тутунот под класа, за бадијала, додава Ибраимовски.

Ситуација со откупните договори  ја потврдуваат од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството од Прилеп. Горан Томевски советник за земјоделство и рурален развој и Национален координатор  за растително производство во подрачната единица во Прилеп потврдува дека намален е интересот за склучување на  нови договори од страна на откупувачите.

– Снабдувањето со семенски материјал е регулирано од страна на откупувачите на тутун кои ги задолжуваат со семенски материјал тутунопроизводителите со склучувањето на договорот. Проблем е намалениот интерес за склучување на  нови договори со намалени количини  за откуп по единица површина од страна на откупувачите. За да се реши проблемот треба да се контактираат откупувачите од страна на Министерството за земјоделство, да се видат причините за ваквата состојба, затоа што тутунот е култура регулирана со Закон за тутун и како таква е од голем интерес за нашата држава, порачува Томевски.

„Зелена берза“ за овој проблем побара мислење и од МЗШВ, но засега нема повратен одговор.

Анета Блажевска

 

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close