УХМР: Ноември многу топол и сушен
Споредено со просечните ноемвриски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1981-2010), годинашната ноемвриска температура на ниво на држава е за 2,9 степени целзиусови повисока од просекот.
Според мерењата и набљудувањата на среднодневните температури и врнежи во метеоролошките станици на Северна Македонија, ноември годинава се карактеризира како многу топол и како сушен до просечен месец, покажува месечната анализа на УХМР.
Средномесечната температура се движеше од 5,0°С во Лазарополе до 12,1°С во Гевгелија. Споредено со просечните ноемвриски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1981-2010), годинашната ноемвриска температура на ниво на држава е за 2,9 степени целзиусови повисока од просекот.
Средната максимална температура варираше од 9,5 степени во Лазарополе до 17,9 во Гевгелија. Највисоката максимална температура е измерена на 2 ноември во Гевгелија и изнесуваше 29,9 степени. Средната минимална температура варираше од 0,5 степени во Берово до 7,8 во Гевгелија. Најниската минимална температура во текот на месецот е измерена во Берово, на 26 ноември и изнесуваше -7 степени.
Во првата декада од месецот се регистрирани невообичаено високи температури. Во Гевгелија беше надминат апсолутниот максимум кој изнесува 29 степени, измерен во 2004 година. Најниските минимални температури на сите метеоролошки станици беа околу 10 степени над апсолутните минимални температури.
Во месец ноември, месечната сума на врнежи во државата варираше од 19мм во Штип до 165мм во Маврово. Врнежите беа од дожд. Максимално дневно количество врнежи од 75,6мм е регистрирано во Д.Капија на 6 ноември.
Споредено со ноемвриската просечна вредност за многугодишен период (1981-2010), измерената месечна сума на врнежи е помала за 15мм или 22% под просекот на ниво на држава.