Куќната слава е народно – црковен обичај и еден од најважните семејни празници, на кои се оддава почит на семејниот светец и заштитник. Славата е православен обичај, а колачот – најважно обележје, украсено со различни мотиви. Секој од овие украси има свое посебно значење.
Колачот за слава е едно од најважните обележја на куќната слава, кој е симбол на телото на Исус Христос, а виното со кое се прелива колачот, ја претставува неговата крв. Колачот е секогаш кружен и се украсува со фигури од тесто, кои се симбол на желбата на домаќинот и домаќинката за благоостојба во семејството.
Украсите може да варираат, зависно од тоа во кој дел се прави колачот. Сепак, сите колачи содржат заеднички елементи кои се стари колку и традицијата.
Секој украс, односно фигура, се прави од тесто и има свое значење. Прво, важно е секој колач на средина да има шара во облик на крст и да биде заокружен со венец од плетенка.
Најважен симбол е печатот просфорник, кој ја означува верата. Станува збор за дрвен печат на кој е изгравирано ИС ХС НИ KA, што значи „Исус Христос победува“. Тој се става на централниот дел од колачот и на сите четири страни наоколу. Печатот се купува во црква, а најчесто во многу семејства се пренесува од генерација на генерација.
На средината на колачот се забодува парче од осветен босилек.
Останатите украси, може да бидат бројни и различни, но задолжителни се: житен клас, птица, цвет, грозд, книга и буре. Тие се составуваат во полињата помеѓу краците на крстот, а доволно е во секое од четирите полиња да има по еден украс.
Грозјето, бурето и житниот клас симболизираат родна година, изобилство, богата трпеза, полни амбари и добра берба.
Птицата, односно гулабот има значење на Светиот Дух, а претставува и симбол на мир и здравје.
Книгата е симбол на знаење и успех.
Од останатите симболи, се додаваат уште цветови кои значат убавина и чистота на душата на домаќините.