
Игор Мирчески- Наместо субвенции тутунарите добија бројки!
Тутунарите ги мачи празниот џеб и неисплатените субвенции кои лично вие ги ветивте веднаш по завршувањето на откупот на тутунот.
Наместо пари, министерот Трипуновски на тутунарите им даде бројки да споредуваат како било лошо во тутунопроизводството во 2023/24 во време на предходниот министер Љупчо Николовски и сега во 2024/25 година колку е убаво од како е тој министер со промената на власта.
Почитуван министер, на тутунарите не им требаат, а уште помалку ги интересираат бројки, нив ги мачи празниот џеб и неисплатените субвенции кои лично вие ги ветивте веднаш по завршувањето на откупот на тутунот.
А тоа колку тутунарите сега се чувствуваат позадовилни зборува фактот дека во очи на најголемите верски празници Рамазан Бајрам и Велигден останаа со празни трпези.
На оваа власт и вас лично, како кандидат за министер, тогаш од позиција на опозиција, земјоделците, а особено тутунопроизводителите ви дадоја огромна подршка и глас за она што го ветувавте пред избори. Но после 1 година мандат резултати НУЛА, не само во тутунопроизводството туку во сите земјоделски гранки. И за крај споредба се прави со она што Вие ќе го сработите – реколтата 2023/2024 и реколтата 2024/2025 се резултат од предходната влада и предходниот министер Николовски, со оглед на фактот дека на веќе договорена и расадена реколта, крајот на јуни месец 2024 година, ја презедовте функцијата министер за земјоделство.
Во иднина кога ќе се појавите пред земјоделците ветувајте малку за да можете истото да го исполните, бидејќи големите ветувања носат големи РАЗОЧАРУВАЊА.
Став на Игор Мирчески