Успешно привршува сезоната на наводнување од ХС „Брегалница“

(Oвој напис е објавен на: August 18, 2017)

Водостопанство „Брегалница“ од Кочани кое стопанисува со хидросистемот „Брегалница“, успешно ја привршува сезоната на наводнување.

Интересот за наплата на водниот надоместок е зголемен, велат од претпријатието. Се менува свеста кај земјоделците, дека искористената вода треба да се плати.

– Годишниот план за наводнување донесен со потребните рестрикции на самиот почеток на сезоната на наводнување се почитува и од наша и од страна на водокорисниците од четирите општини низ кои минува хидросистемот. Ова значи дека сезоната која завршува на почетокот на септември успешно ќе ја реализираме, изјави директорот на Водостопанство „Брегалница“ Николчо Гоцевски.

Според него, десниот магистрален канал има испуст од 11,5 метри кубни во секунда, што значи е на прелив и водата стигнува до крајните корисници во атарот на селото Каратманово, Светиниколско.

И покрај отежнатите услови на стопанисување, „Брегалница“ очекува успешно да ја заврши годината.

– Наши стручни екипи ги потсетуваат водокорисниците кои имаат заостанат долг за минатата 2016 година и го наплаќаат, вели директорот.