Уште пет дена за аплицирање за субвенции за млади земјоделци
До 29 август годинава трае рокот за доставување барања за поддршка на млади земјоделци.
На повикот може да се јават земјоделци до 40-годишна возраст, а аплицирањето е исклучиво електронски.
Државната поддршка предвидува максимални 600.000 денари неповратна финансиска помош за младите земјоделци кои сакаат да почнат сопствен бизнис. Услов е да бидат запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства не повеќе од 18 месеци.
Добивањето на субвенцијата зависи и од освоените бодови, односно од тоа каде се наоѓа стопанството и за која намена се аплицира. Најголем број бодови носат барањата за набавка на опрема за чување и складирање на производство, за опрема за преработувачки капацитети и членството во земјоделски задруги.
По одобрувањето на субвенцијата, парите ќе се исплаќаат на максимум три рати.
Повикот беше објавен на 8 август, а документите за аплицирање може да се преземат од веб страницата на Платежната агенција.