Реката Вардар на само десетина километри растојание поминувајќи низ неколку тетовски села се загадува за три класи. Ако во тетовско Стенче речиси сите испитувања на Центарот за јавно здравје Тетово, резултатите покажуваат дека реката е за капење, на излезот од Јегуновце десетина километри подолу, Вардар е полна со фекалии и разни отпадни води, и припаѓа меѓу трета и четврта категорија.
Причините за загадувањето на најголемата река во Македонија се големи и видливи со голо око. Најголеми загадувачи се семејствата, чии отпадни води директно завршуваат во реката .
Има и голем број индустриски капацитети кои ја загадуваат водата, но досега институциите не презеле конкретни мерки.
На пример кај тетовско Желино има сепарации кои при производствениот процес тоа што не им треба практично отпадот го испуштаат во Вардар.
Ако пред една сепарација како што се гледа на сликата реката има сина боја, по сепарацијата водата е кафеава и дополнително со отпадните води драстично се загадува.
Од Владата и Општина Тетово, неодамна го промовираа почетокот на градежните работи за изградба на пречистителна станица за реката Вардар кај тетовско Фалише.
-Тетово во 2022 година ќе добие пречистителна станица за отпадни води, кои сега директно без стандарди завршуваат во Вардар. Вредноста на проектот кој ќе се гради со средства од ИПАРД програма е 30 милиони евра, рече вицепремиерот Бујар Османи при посетата на локацијата кај тетовско Фалише.
Со реализација на проектот треба да добиеме чиста река, но само до атарот на село Фалише. На само петстотини метри подолу од локацијата каде ќе се гради станицата кај тетовско Желино индустриската вода од компаниитее директно се испушта во реката Вардар загадувајќи ја водата.
Градоначалничката на Општина Тетово која е и претседател на Центарот за полошки плански регион, вели дека инспекциските служби во рамки на својата општина треба да го контролираат теренот.
-Треба секоја општина да работи во рамки на својат терен.Во иднина се планира сите општини заднички да настапат за во целиот регион да се изградат пречистителни станици кои би ги прочистиле сите загадени води пред да се испуштат во реката, рече градоначалничката на Тетово Теута Арифи.
Таа не кажа дали нејзините инспектори воопшти извршиле контрола на фирмите кои ја загадуваат реката Вардар, но и реката Пена
Инаку пречистителната станица кај тетовско Фалише ќе се гради на локација на поранешна дива депонија, која се расчистува со пари од норвешка влада.
Реката Бистрица воопшто не е бистра.
Последните податоци говорат дека реката Бистрица е во трета категорија, иако комбинатот Југохром не работи веќе неколку години.
-Интересено е што Југохром не работи а знаевме дека реката Бистрица се загадуваше од индустриските води кои завршуваат во реката, но сега овие води ги нема а реката е пак загадена. И тука се работи пак за отпадни води, кои ги испуштаат луѓето од селата дирекно во реката. Останатите површински води во тетовско се чисти и богати со кислород, како реката Пена која припаѓа во втора категорија и Беловишка река која е кристално чиста и припаѓа во прва категорија, рече Д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје Тетово.
И за водата за пиење во селските средини во повеќе наврати испитувањата покажуваат дека е микробиолошко загадена , што летово резултираше со труења на над 500 – тини лица во Општина Теарце.
Зоран Димовски
за Зелена берза