fbpx
ВестиВидео/интервјуаТоп вести

Васка Мојсовска: Руралната жена треба сама да се избори за своите права

 

Васка Мојсовска  сопственик на фирмата „ Агро Калем“ с.Тимјаник Неготино ги руши стереотипите, во бизнис светот  во кој доминираат мажите. Зелена берза беше во посета на оваа фирма се со цел да ја запознае Васка на своето работно место, и да ги сподели нејзините искуства, како успева една жена да менаџира со толкава фирма, како успева да се справи со сите предизвици што ги носи не само менаџирањето со бизнисот, туку и животот воопшто?

Кога нешто се сака, ништо не е тешко, а кога немате избор што да изгубите, носите одлука со ризик која само може да ве понесе кон успехот. Васка Мојсовска  пред 20 години, не ни сонувала дека еден ден ќе стане успешна жена. Како млада девојка која своето детство го поминала работејќи по нивите, сакала само да обезбеди егзистенција за себе и своето семејство.

З.Б. Беше ли тешко да донесете одлука од која зависеше вашиот и опстанокот на семејството?

В.М:Кога немате избор, тогаш ништо не ви изгледа тешко. Сега од оваа гледна точка не изгледа толку тешко, но самата работа не навикна дека тешките работи може да бидат и многу лесни. Јас и мојот сопруг долги години се занимаваме со земјоделие, од самите наши почетоци.  Детството ни беше работно и на двајцата, на поле. Таму  и ја почнавме нашата  борба за опстанок.

Немаше многу избор, двата бевме не вработени (тогаш беше период кога немаше или беа многу малку вработувањата) и ние како млади луѓе што не може да најдат вработување, се осврнавме  на она што знаеме да го работиме . Тогаш во тој период не  размислувавме  дека ќе можеме да постигнеме нешто повисоко. Имавме  амбиции, но  не беа толку големи. Размислувавме само како да егзистираме,  да стигнеме до одредена сума, за да може да го одржуваме семејството. Со две мали деца и  родители( едниот испуштен од работа, а другиот никогаш не работел),  не биравме што ќе работиме  туку само да е чесно  и да заработиме.  Сме оделе и по пазари, сме продавале земјоделски производи, сме одгледувале пипер и зелка, секоја култура која што се барала на пазарот. Немавме доволно земја, земавме  и под наем, само да можеме да работиме за да егзистираме. Сега, од оваа дистанца сметам дека исправно сме постапиле во тој период, бидејќи ако не преземевме тогаш таков ризик и ако не работевме немаше денес да се занимаваме со оваа работа.

З.Б:Како успеавте да ги убедите  вашите најблиски да ви отстапат дел од имотот за да земете кредит и да започнете свој бизнис. Која традиција ја негувате и ден денес?

В.М.: Мислам дека таа 1999 година беше пресудна за нас. На 20 години одлучив да земам кредит. Тогаш сум била дете ( според мене), но борбата за опстанок не  тераше  да барам начин, да почнам и успеав. Бидејќи немав сопствен имот, успеав да ги убедам свекор ми , брат ми , татко ми , девер ми, да ми дадат недвижен и движен имот под закуп  за да можам да подигнам кредит.

 

На нашето поднебје најдобро успева лозјето. Засадивме лозови насади. Го продадовме автомобилот, камионот, за да може да купиме ниви. Тоа сега на младите им е не сфатливо. Долги години бевме без превозно средство само и само да можеме да купиме ниви и  да засадиме нови лозови насади.

Тогаш си поставивме цел , секој финансиски вишок што ќе го оствариме  да го инвестираме во проширување. Веќе 22 години, секоја годишнина од бракот (која ни е во февруари) ние садиме лозов насад. Февруари се ближи па ќе има повторно нов лозов насад. Во моментов имаме 30 ха лозов насад, а имаме 50 ха земја во која ни е и расадникот,а  имаме и житарици.

  

Тоа ни’ е традиција. Така и децата ги навикнавме, бидејќи со нашата работа пораснаа, на поле со нас, и тие се ориентираа кон  тоа. И двајцата се запишаа на земјоделски факултет.Ќерката е веќе трета година на смер лозарство со овоштарство , а синот е прва година на истиот факултет. Покрај насадите почнавме да се занимаваме и со калемење на садници.

 

Прво за наши потреби , па потоа кога видовме дека добро ни оди почнавме и со одгледување на садници за продажба. Почнавме од една минимална бројка 2000 – 3000, а сега годишно произведуваме и до пола милион садници, лозови и овошни садници.  За  сега садниците ги пласираме само во Македонија, бидејќи  има недостаток на саден материјал но, не е исклучиво да почнеме и во други земји да извезуваме.  Продажбата е поврзана со општата состојба во земјоделието, ако луѓето немаат добар род од некој плод, тогаш тој не може ниту да инвестира во нови насади. Сега за сега задоволни сме. Сите садници се со сертификат и се под контрола на Министерството за земјоделство, Управата за семе и саден материјал, инспекторатот. Професори од земјоделскиот институт   вршат контроли така  што нашите муштерии може да бидат сигурни декa добиваат кавлитетен домашен саден материјал.

Од 30 ха лозови насади, 20ха се трпезно грозје со сорти кои се високоприносни и  отпорни на болест. Насадите се на систем одрина,со инсталиран  систем капка по капка, а родот  претежно завршува на соседните пазари во  Србија, Црна Гора Босна и Херцеговина.

З.Б.Гледаа ли на вашата работа со скептицизам, бидејќи во денешно време да се води еден бизнис не е лесно ниту за мажите?

В.М.:Да. Секогаш наидував  на луѓе со не доверба и некој скептицизам, дека тоа што сакам да го работам нема да успее. За среќа тоа ми даваше мотив повеќе, да докажам дека може да успеам. Всушност таков ми е целиот живот. Кога го почнав бизнисот  уште студирав. Не веруваа дека ќе можам двете работи да ги вршам .Факултетот го завршив но  не работам по струката. Кога почнавме да садиме садници многу луѓе ми рекоа , тоа не бива.  Само тие во Србија знаат да произведуваат, па во Италија, кај нас тоа не е можно. Кога извадивме во првата година 90% на зафатеност, тогаш сите беа запрепастени, како можело тоа. Докажавме, не е лесно, но е можно. За да се произведе еден лозов или овошен садник ниту малку  не е лесно, затоа кај нас има малку расадници кои произведуваат саден материјал. Ние сме веќе испраксирани. Се среќавав со многу сопки.

Беа скептични и во Центарлниот регистер каде гледаа на мојата работа со неверување. Имаше муабети од типот: ти си жена со деца, треба да си мајка, да ги гледаш децата, семејството , да ги гледаш родителите . Жената  е за в кујна, не можеш да возиш трактор, ми велеа.Така беше на почетокот.Менталитетот наш е најголем проблем и прави судири. Не знам дали ќе ми верувате, но јас прво научив да возам трактор , па потоа автомобил. Јас не ги делам работите на машки и женски. Имаше многу муабети. Сето тоа ми даваше стимул  да издржам и да го  докажам  спротивното.

З.Б.: Завршивте факултет кој не е поврзан со работата што ја работите. Успевавте ли да се едуцурате дополнително за да бидете поуспешни?

В.М.: Секако. Во целиот наш период нон стоп се едуцираме. Неформалното обртазование е дел од мене и мојот сопруг.За да нучиш да работиш и да произведеш квалитет, мораш да учиш, да ги видиш трендовите во светот, и новитетите да ги применеш .Редовно посетуваме могу обуки, работилници. Дел од нашата работа се и студиските патувања. Самата работа тоа  ни го наложи, но  ни овозможи, поголем видик и поголем простор за работа. Сме биле во Израел, Италија, Германија, Русија,балканските земји веќе и да не ги споменувам. Од секое студиско патување учевме по нешто .Ако ви кажам дека пред 15 години кога прв пат ставивме систем капка по капка, овде во нашиот крај никој немаше.Тогаш сите се чудеа. И прашуваа како толку голема површина може да се наводени со капка? Ние тоа го видовме во светот, таму така се работи редовно. Сега над 80% од земјоделците  користат систем капка по капка, но тогаш за нив тоа беше несфатливо. Сите тие новитети ние ги внесувавме. Слично беше и со новите сорти на калеми.Правевме опити, бидејќи за некои нашето поднебје не одговара, додека за некои беше одлично.

З.Б.:Како успевате да направите баланс меѓу обврските дома и на работа?

В.М.: Ниту јас сама не знам.Ние жените работиме по три работи наеднаш, секако гледаш да ги избалансираш .Работните обврски ми се зголемени така што некогаш тоа ми прави тензија, кога не можам  се’ да постигнам. Сепак се организирам и ги ставам  обврските  по  приоритет, се’ друго може да почека. Ако човек, особено жена не ги избалансира обврските по дома и на работа, ништо не направил, децата да ги изваде на прав пат и куќата да ја одржува. Во спротивно  џабе и’ е и кариера  и се’. Децата се најважниот проект во животот на секоја жена, џабе и залудно е се’ друго.

З.Б.:Од скоро имате уште една обврска, нова функција претседтел на НФФ?

В.М.:За прв пат по 16 години од постоење на организацијата на фармерите, сега по ново НФФ, на чело  дојде жена. За мене  е чест, но и голема одговорност. Предизвикот  беше навистина голем, но самото познавање на работата ми даде мотив да ја прифатам таа понуда. Мислам дека со моето искуство можам да придонесам за развој на земјоделието, особено за подигање на гласот на земјоделецот. Моја цел што би сакала да се реализира, е да помогнам во  иднина  со заеднички сили да го подобриме пласманот на земјоделските производи и да издејствуваме  покачување на откупната цена на  земјодлеските производи. Знаеме дека долги години производната цена е повисока од откупната цена на земјодлеските производи.Откако сум претседател , со сите анализи кои ги имаме направено, видовме дека нашите производи треба да бидат со многу повисоки цени. За тоа да се сработи треба  многу добра организација  прво на самите земјоделци, па лобирање  пред институциите, откупувачите, но прво и основно треба ние земјоделците добро да се организираме и заеднички да настапиме. Тука го гледам здружувањето како една форма, бидејќи земјоделецот  како единка не може ништо да направи сам во тој дел, но ако се здружи, заеднички, како што функционираат во светот, преку задруги и  кооперативи можеме да се изборимеза многу повеќе. Правата на жената  се едни од предизвиците за кои што јас како претседател ќе се борам. Жената од руралните средини е тивка , нечујна, вредна е, работлива, столб на семејството , но секогаш е тргната настрана.  Ако го видиме фактот дека само 5% жени од руралните  средини имаат сопствен имот, тогаш можеме да змислиме каква е состојбата. Половата дискриминција кај жените, распределба на приходите и имотот, традиционалните бариери со кои се соочува, потоа немањето социо и културен живот, не пристапност до информации, сето тоа влијае на жената да не може да се развие. Ние како организација имаме неколку модели, формиравме неколку фокус групи во кои што ги вклучивме баш тие жени од рурални средини кои никогаш не добиле сопствен приход и сопствена наплата за трудот, да може да се вклучат и да го видат бенефитот од тоа.Тоа е само мала капка во морето работа што треба да следи во иднина за да може жената сама да се избори за своите права. Таа не е спречена, законски се’ и’ е дозволено но традиционалните бариери  ја ограничуваат.

З.Б.: Колку вашето искуство како жена претприемач ќе ви помогне да ги реализирате зацртаните цели  на позицијата претседател на НФФ?

В.М.:Да,  можам многу да сторам. Секако тука треба и државните институции да преземат мерки. Оваа година за прв пат, на наше задволство успеавме двете министерства  МЗШВ и Министерството за труд и социјална политика, кои се најзасегнати околу овој проблем со руралната жена, да потпишеме декларација за социоекономско јакнење на руралната жена. Ние,Мрежата за руралне рзвој и министрите ја потпишавме таа декларација и сега останува рамо до рамо во иднина да се бориме и да промениме нешто на тоја план.

З.Б.: Како се гледате себеси во иднина?Амбициите секогаш ве воделе, ќе продолжите ли така? Каде се гледате за десет години?

В.М:Со сопругот секогаш имавме амбиции и тие не водеа  развојно. Тие амбиции ни беа  сила  и одевме чекор по чекор. Сакаме нашата фирма да расте и успешно да работи. Во моментот го градиме нашиот откупен центар, кој има ладилник за складирање овошје и за садници.Планираме да го дозавршиме овој проект, комплетно да се среди. Никогаш не сум посакувала нешто невозможно. За десет години се гледам, здравје Боже, исто како и до сега, мајка и жена во овој сектор која го проширила својот бизнис уште повеќе  и  со мојата работа и труд да мотивирам и други жени да се борат за своите права. Жената  е способна да работи се’. Како што знае да вози трактор, таа може да оди и со пријателките да се дружи, да посвети внимание малку и на себе, но треба  сама  да се избори за своите права.Ако е  затворена дома, посветена само на семејството и на работатат, таа нема видик околу себе.Треба да излезе и да учи од оние што нешто постигнале. За се има време само ако се сака и има желба.

Васка најголемата поддршка ја има од семејството. Вели дека ако немаше поддршка од сопругот и семејството немаше да го постигне ова што е денес. За крај рече дека „што е нејзино ќе си дојде“.

Павлина Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close