Велешкото езеро „Младост“ порибено со 350 килограми крап
Велешкото езеро „Младост” е порибено со 350 килограми крап, донација од Македонската риболовна федерација. Како што информираат од СРД „Бабуна“ од Велес, поводот за оваа донација е претстојниот Крапски куп што на езерото „Младост“ ќе се одржи на 6,7 и 8 мај годинава. За зачувување на рибниот фонд на езерото „Младост” од СРД упатија апел до граѓаните да се почитува риболовниот кодекс.
Како што информира Ѕвонко Мечалов од СРД „Бабуна”, средствата што ќе се соберат од купот, од котизација, ќе бидат наменети за ново порибување на езерото.
– Во моментов нема забрана за лов на крап во езерото, но друштвото очекува документ од Институтот за сточарство, а со кој треба целосно да се забрани риболовот во наредните две до три години, а заради негово намножување во езерото. Наедно така и подобро ќе се подготвиме не само за балкански купови и крапски првенства, туку и за европските шампионати во крапски спортски риболов, информира Мечалов.
Општина Велес во изминатите месеци кај езерото „Младост” направи патека за спортски риболов на крап, која е според европските стандарди.