Вевчанските извори – вистински еликсир за уживање
Кога ќе сакате да побегнете од градската бучава и да се одморите од сè, посетете ги Вевчанските извори.
Многу убавини има во Вевчани, но шармот на овој предел е во Вевчанските извори. Буицата бистра пивка вода и шумот кој го создаваат изворите не се ништо друго туку занес кој ќе ви ја наполни душата со убавина и позитивна енергија.
За да стигнете до изворите потребни ви се 10-тина минути од центарот на селото Вевчани нагоре, следејќи ги ознаките и уживајќи во старите уникатни селски куќи кои пленат со својата топлина.
Локалитетот се наоѓа на источните падини на планината Јабланица, на 940 метри надморска височина. Изворите претставуваат сифонско врело со просечна издашност од 1.500 литри во секунда. Штедроста варира од 450 литри во секунда во октомври и ноември до 4.000 литри во мај. За вевчанци, изворите покрај хидролошка имаат и своевидна духовна вредност. Тука се одржуваат повеќе верски и други обреди, а за времетраењето на традиционалната вевчанска свадба познат е ритуалот на полнење вода и поклонување на невестата. Убаво уредени, во склад со природата изворите претставуваат своевидна туристичка атракција.
Има повеќе изворишта, главниот извор е во пештерата, но има неколку поголеми извори подолу од него. Температурата на водата е константна и се движи од 4 до 6 степени во текот на целата година.
Водата до изворот доаѓа од подземна патека долга 100 метри, а нејзината висинска разлика изнесува 10 метри.
Се раскажува дека во 1972 година, еден спелеолог, престојувал 45 дена во Вевчани истражувајќи ја длабината на изворот обидувајќи се да ја открие неговата внатрешност. Според неговото кажување, во главната пештера на изворот има два дела: еден помал и еден поголем – што наликува на сала до која се стигнувало низ еден мал процеп-дупка која многу тешко може да се совлада и помине.
Вевчанските извори се Споменик на природата и еколошка зона со висок степен на заштита. Локалитетот првпат е прогласен за заштитено подрачје во 1999 година. Во рамките на проектот за воспоставување систем на мониторинг и менаџирање со заштитеното подрачје „Споменик на природата Вевчански извори“, во рамките на програмата за подобрување на управувањето на заштитените подрачја, спроведувана од страна на УНДП, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и со центарот за истражување и информирање „Екосвест“, а финансиски поддржана од Европската Унија, се спроведува постапка за донесување план за управување со споменикот на природата Вевчански извори за периодот 2019-2029 година.
За Вевчанскиот карневал се раскажуваат легендарни приказни
Вевчани покрај што изобилува со неверојатна природна убавина препознатливо е и по традиционалниот карневал кој секоја година се одржува на Василица 13ти и 14ти јануари.
Од памтивек, во изворот се фрлал и крстот за Водици, а оној што ќе го фател крстот бил даруван од сите куќи во Вевчани. По истрелите од пиштоли се знаело дека е фатен крстот, односно дека е крстена водата, жителите од соседните села Октиси и Велешта полнеле од крстената вода за здравје и живот.
Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но сепак во последните години во организација на Општината и Министерството за култура, се воведува ред во овој инаку хаотичен вонвременски настан.
Подготвил: Анета Блажевска
Фотографија: Ивона Кочов