Виктор и Марио Гоцевски-Сточарството е голем предизвик за младите
Општина Карбинци-Долни Балван-Одгледувањето на говеда е нерентабилно, со голема мака се обидуваме да успееме, велат младите фармери.
Сточарството станува „претешко“ и за младите земјоделци. Иако млади и вредни дури и со доза на оптимизам дека работите ќе тргнат на подобро во оваа земјоделска гранка надеж се помалку преостанува кај поголем дел од нив. Велат кризата во сточарството продолжува, а пандемијата ја продлабочила уште повеќе. Младите не сакаат да работат, велат неисплатливо им е затоа бараат работа во фабрики или маркети, додека шталите на сточарите се празнат, а негативниот тренд на опаѓање на сточниот фонд во државата продолжува со несмалено темпо.
Браќата Виктор(23) и Марио(20) Гоцевски се млади фармери во селото Долни Балван во општина Карбинци. Одгледувањето на добиток е семејна традиција и тие од мали нозе помагаат на фармата. Се што знаат за сточарството научиле од нивниот татко и дедо кој им оставил аманет да ја чуваат стоката. Пред дваесеттина години нивниот татко изградил фарма во близина на куќата каде сега одгледуваат триесет крави од расата Холнштајн – фризиска.
Постариот од нив Виктор Гоцевски е ветеринарен техничар, а Марио пред две години матурирал на Спортска академија. Двајцата одлучиле да останат во селото и да продолжат да работат на фармата иако како што велат работата не е лесна. Покрај фармата друга работа нема, а семејството треба да ги зголеми приходите, децидни се двајцата млади сточари.
-Оваа раса на крави се молзни или млечни како што велиме ние и не се за тов, појасни младиот сточар Виктор. Тој вели дека дневно од една крава молзат од 20 некогаш и до 30 литри млеко, но револтиран е од откупната цена на млекото 19 до 20 денари за литар, ниска е и нереална цената за да може да опстане еден сточар, вели Виктор потенцирајќи дека тешко може да се опстане во овој бизнис ако не се работи и нешто друго.
-Чувањето на говеда е нерентабилно. Цената на телињата е ниска за продажба на тов, се соочуваме со проблеми-нема работници во овој бизнис, значи мораш да се снаоѓаш сам и да работиш како знаеш и умееш, за да успееш. Пари за нова технологија нема, системите за молзни крави и тов ни се стари, се пожали и помладиот сточар Марио.
Според овие двајца млади фармери цените за откуп не се променети, а растат трошоците на производство. Сточната храна е скапа. Прашуваат како еден сточар може да опстане со цена од 9 до 10 денари за килограм луцерка. Тие велат дека трошат околу 4.000 бали и дека целиот приход им оди за стоката.
-Ако не садиме луцерка кај ни е крајот, вели Виктор според кој од производството не може да се покријат трошоците, а не пак да остане нешто за нив.
Нашите млади сточари велат дека државата треба да им помогне на младите земјоделци да ги мотивира да останат во селата, но што поскоро и со нови мерки да го зајакне сточарството, зошто како што велат состојбата е сериозна.
-Тешка е состојбата во сточарството. Исплатата на субвенциите доцни. Без помош од државата оваа гранка тешко ќе опстои. Од субвенции нешто пуштија, а за оваа година нема, се пожалија Гоцеви.
Во нивната сточарска фарма стадото одамна не е проширено. Има само две телиња. Поддршката од државата за набавка на грла добиток со висок генетски потенцијал Гоцевски не добиле, ниту средства од ИПАРД. Виктор конкурирал за неповратни средства за мерката млад земјоделец, го одбиле.
-Тешко е да станеш рано, цел ден си околу стоката. Мора да ја гледаш. Нема застој, има работа, но јас ја засакав работата. Мислам дека 20.000 евра се доволни за еден млад земјоделец да започне со земјоделски бизнис. Нема пари во земјоделието ќе видиме понатаму и да се надеваме на подобро. Младите не се оптимисти, 80% отсто не сакаат да работат земјоделство, тврди младиот Марио.
-Ако се подобрат работите во сточарството ќе продолжам да работам, а тоа значи да се зголеми откупната цена на млекото, субвенциите невреме да се исплаќаа инаку тешко. Јас пораснав овде и научен сум да работам, за понатаму не знам, рече Виктор Гоцевски.
Јулија Малинова за Зелена берза