Лозарите и винарите се договорија околу цената на винското грозје. Остануваат ланските цени, или 11 денари за смедеревка и 13 денари за кратошија.
Ова синоќа на прес-конференција во Неготино го соопштија претставници на Министерството, лозарите и винарите, но и на локалната власт, во присуство на лозари и винари.
Заменик – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски, појасни дека е договорено и да се направат измени на Законот за вино.
– Да се врати старото решение за отплата на рок од шест месеци. Но, во закон ќе биде внесено 20 проценти од грозјето да биде платено по откупот и тоа до 15 декември. Доколку не се почитува тој договор, за винарите ќе има казна од десет проценти. Следната исплата е предвидена да биде до 15 февруари и тоа 40 проценти од вредноста на количината на откупено грозје. Последната рата да биде до крајот на април кога треба да бидат исплатени уште 40 проценти од грозјето, рече Костадиновски.