Виолетов леб, нова суперхрана?

(Oвој напис е објавен на: February 25, 2017)

Додека светските медиуми најавуваат дека пристигнува моќен леб, експерти за храна и технолози прашуваат што е во оваа намирница ексклузивно освен бојата

violetov-leb (1)

Потрошувачите во светот се пред нова потрошувачка грозница: виолетов леб кој е создаден во лабораторија на Националниот универзитет во Сингапур.

Го измислил професорот Зоу Веибијао, додавајќи ја на класичниот пченичен леб состојката антоцијанин, која ја изолирал од црн ориз и која покрај тоа што дава виолетова боја, наводно го прави лебот поздрав. Тоа го направил бидејќи сфатил дека проблемот со лебот не е во многуте калории, туку во гликемискиот индекс. Како што се тврди, овој леб има понизок гликемиски индекс (побавно го зголемува нивото на шеќер во крвта) и се вари за 20 отсто побавно од класичниот леб, што има придобивки за здравјето.

Според сегашните нутриционистички размислувања, белиот леб се вари премногу брзо, го зголемува нивото на шеќерот во крвта и е поврзан со дебелината. Накратко, тој е непријател на оние што се хранат здраво.

„Предизвикот беше да видиме дали може да се промени таквата формула за лебот, без да се промени мазната текстура на белиот леб која луѓето ја сакаат“, вели Зоу.

Тој одлучил да ги извлече антоцијанините од црниот ориз кои на житото му ги даваат антиоксиданските квалитети и ги инфузира во неговиот леб.

Сепак, и покрај ваквиот капацитет на антиоксиданси и поврзувањето со придобивки за здравјето, сознанијата за користењето на антоцијанин како состојка во прехранбените производи се многу ограничени.

Додавањето антоцијанин во лебот не го обојува само во виолетова боја: како резултат на хемиска реакција, стапката на варење на храната се забавува за 20 отсто. Што е уште поважно, 80 отсто од квалитетот на антиоксидансите се зачувува и кога се пече на 200 степени Целзиусови.

Антоцијанинот е природен пигмент кој се јавува во овошјето и зеленчукот како што се грозјето, боровинките и слатките компири и е одговорен за живописните нијанси.

„И покрај тоа, сите плодови со виолетова боја не се супер-намирници“, вели Зоу, мислејќи притоа на змејското овошје (dragon fruit).

violetov-leb

Истражувањата покажаа дека антоцијаните може да помогнат во спречување на кардиоваскуларни и невролошки болести и рак и да играат улога во контрола на дебелината и дијабетесот, со оглед на тоа што можат да инхибираат ензими за варење и да го намалат нивото на гликоза.

Виолетовиот леб може да биде поздрав од белиот леб, но дали има помал број калории?

„Јадејќи иста количина скроб и пченично брашно, хранливата вредност е иста. Клучната идеја е забавување на ослободувањето на енергијата, така што овие калории се користат подолг временски период“, вели Зоу.

Виолетовиот леб се уште не е комерцијално достапен, но големите производители на храна веќе го бараат Зоу. Неговиот изум исто така е инспирација за некои слични идеи.

„Ми се јави човек во Јужна Африка, многу возбуден. Сакаше да знае дали ставањето антоцијани во чоколадо ќе има ист ефект“.