Високите температури негативно влијаат врз добитокот

(Oвој напис е објавен на: August 11, 2017)

Високите температури негативно се одразуваат врз добитокот. Намалена продуктивност на млеко и месо, хормонални пореметувања и опаднат имунитет, се само некои од последиците што ги трпат домашните животни од екстремно топлото време, вели Илија Маролов од Агенцијата за поддршка на земјоделците – Штип.

Според него, порастот на температурите е пропорционален со ризикот од заболувања, посебно кај тревопасните животни.

– Нивниот имунолошки систем е нарушен, а и во овие топли услови многу се активни преносителите на различните заразни болести. Најопасни се јазлеста кожа и син јазик, вели Маролов.

Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството апелира сточарите да преземат превентивни мерки за заштита од заразни заболувања преку редовно чистење и дезинфенкција на објектите каде што се чува добитокот, правилно чување на сточната храна и прописно одлагање на арското ѓубре.

– Да се стават заштитни мрежи како механичка заштита на фармите, да се зголеми хигиената и ако може да се направат оросувачи и вентилација на фармите зависно од финансиските можности и видот на домашните животни, се нашите совети, рече Маролов.

Сушниот период ги остави без вода помалите водотеци, па сточарите во штипскиот регион имаа проблеми и со напојување на стоката на паша. За добитокот што се чува во фарми се препорачува користење вода за напојување од водоводната мрежа.

Според евиденцијата, во штипскиот регион има околу 50.000 грла ситен добиток.


https://press24.mk/visokite-temperaturi-negativno-vlijaat-vrz-dobitokot

пресс24.мк