Владата се пофали – од март минималецот 20.500 денари
Земјите од регионот веќе не претркаа!
Во март минималната плата ќе се зголеми на 20.500 денари, а ќе има и линеарно зголемување на платите во јавниот и во приватниот сектор. Ова го најавија од Владата и потврдија дека парите за таа намена се предвидени во Буџетот за 2023 година. За минималната плата и пензиите има системско решение постигнато преку социјален дијалог, а за да се постигне еднаквост, платите во јавната администрација ќе се зголемат линеарно за 2.000 денари. Од Синдикатот остануваат на ставот дека минималната плата треба да порасне на 26 илјади денари за да ги покрие високите трошоци за храна и зголемената инфлација. Ако на едно четиричлено семејство му требаат 52 илјада денари тоа значи дека се потребни две плати по 26 илјади денари за да се покријат основните месечни трошоци.
-Методологијата кога се правеше минималната кошница во 2011 година се гледаше две минимални плати да ја наполнат минималната кошница. Со оглед на тоа дека во моментов потрошувачката кошничка е 52 денари, ниту три минимални плати не можат да ја наполнат. Затоа, според методологијата од 2011 година, а со оглед на порастот на цените и инфлацијата за да се наполни минималната кошница, минималната плата треба да биде 26.000 денари, изјави за ВЕЧЕР, Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.
Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека е донесено законско решение за утврдување на минималната плата кое е целосно усогласено со Синдикатот и со сите други институции.
-Минималната плата во март треба да порасне на 20.500 денари во јавниот и во приватниот сектор и тие средства се предвидени во сите институции со Буџетот за 2023 година. За да има еднаквост во делот на платите треба да има и 2.000 денари линеарно зголемување и на платите во државната администрација имајќи го предвид зголемувањето на минималната плата, изјави Бектеши и додаде дека ќе направиме се да се зголеми минималната плата и ако треба ќе донесеме ново законско решение.