Влажниот бран добредојден за земјоделството
Ладниот бран со врнежи од снег и дожд што ја зафати земјава е поволен за земјоделството. Оние овошки кои не ја почнале вегетацијата, добро е се уште да бидат во фаза на мирување зашто време за негативни температури се уште има.
Како што велат агрометеоролозите, зимата се уште трае.
-Доколку, пред се, почвените услови дозволуваат, земјоделците треба да продолжат со подигање нови овоштарници или лозови насади, како и со кроење на овошките и виновата лоза, работа која се уште не е насекаде целосно завршена, препорачуваат од УХМР.
Според агрометеоролозите, дождот е добредојден во овој период.
-Во суштина, вакви временски услови, како минатата недела, треба да имаме во овој период од годината – променливо време со врнежи од дожд и снег, при што дојде до разладување на атмосферата, со пониски дневни температури, кои го успорија пролетното будење на овошките, со исклучок на Повардарието и јужните делови каде бадемот, сливата џанка и кајсијата се расцветани или беа во почеток на цветање, велат од УХМР.