Во Долнени земјоделците пријавуваат штети од невремето во понеделникот
Во Долнени уѓте денес трае пријавувањето на штети од невремето што ја зафати Општината во понеделникот вечерта околу 20 часот.
Според првичните информации невремето проследено со дожд, град и силен ветер ги зафати атарите на десетина села и како што објаснува градоначалникот Боше Милошески главно, најголеми штети, речиси 100 отсто има кај тутунот, зафатени се градинарските култури и бостанот, пченката, сончогледот.
– Силното невреме што ја зафати општината околу 20 часот во понеделникот вечерта ги зафати земјоделските површини. Штети има во атарите на десетина села меѓу кои: Сенокос, Заполжани, Дреновци, Дупјачани, мало Мраморани, Десово… Зафатени се според првичните процени, над 800 хектари. Комисијата за процена на штети излезе на терен, а уште денес земјоделците може да ги пријавуваат штетите, вели Милошески.
Земјоделците потврдуваат дека најголеми се штетите кај тутунот кој е во завршните, најквалитетни берби. На дел од површини останати се само стебленцата, празните стракови. Според земјоделците најголем дел од површините не се осигурани.