Во која валута најчесто штедат македонските граѓани?
Штедењето во денари во услови на макроекономска стабилност и поволен каматен распон, долг временски период се зголемуваше со значително побрзи стапки на раст во однос на штедењето во девизи.
Македонската валута, денарот ужива висока доверба кај граѓаните и голем дел од населението штеди во денари. Така е долги години, а процесот се интензивира од 2002 година наваму. Ова го потврдуваат од Народната банка од каде велат дека штедењето во денари во услови на макроекономска стабилност и поволен каматен распон, долг временски период се зголемуваше со значително побрзи стапки на раст во однос на штедењето во девизи.
Додаваат дека во периодот од 2002 до 2021 година, денарските депозити растат многу побрзо, со просечна годишна стапка од околу 18 отсто, за разлика од девизните депозити кои растат значително побавно, со просечна стапка од околу 8 отсто.
„Оттаму е и забележителното зголемување на учеството на депозитите во домашна валута во вкупните депозити на населението, коешто на пример од околу 30 отсто во 2002 година, на крајот на 2020 година изнесуваше околу 53 отсто“, објаснуваат од Народна банка.
Но, шоковите кои го потресоа светот последниве две – три години како што се пандемијата на коронавирусот и војната во Украина, ја „подгреаја“ неизвесноста и предизвикаа мали промени и кај нас.
„Појавата на пандемијата, а потоа и последователниот шок предизвикан од војната во Украина и кај нас и во светот значително ја подигна неизвесноста, а донесе и растечка инфлација. Во вакви околности, што е вообичаено за епизоди на кризи и покрај неприкосновеноста на стабилноста на курсот, кај дел од населението од средината на 2021 година се забележуваат нешто поголеми преференции за располагање со странска валута. Учеството на денарското штедење забележа умерен пад и тековно изнесува 46,3 отсто. Во последните неколку месеци ова учество е стабилно и упатува на значително стабилизирање на очекувањата и довербата во однос на девизниот курс и поволни валутни поместувања во депозитите на граѓаните. За ова придонесоа и промените во политиката на Народната банка со зголемување на каматите и промени во задолжителната резерва, токму во насока на стимулирање на штедењето во денари“, велат од Народна банка.