Во Македонија има околу 50.000 трактори и 3.000 комбајни
Земјоделците сакаат нова механизација
За механизацијата што се користи во земјоделскиот сектор во Македонија, се користи една непријатна метафора – „гробишта“ на старата југословенска земјоделска механизација. Процените се дека во Македонија има околу 50.000 трактори и 3.000 комбајни, главно произведени во фабриките на поранешната држава, која не постои речиси 35 години. При тоа, со таква механизација, при собирањето на приносите, речиси 20 отсто се растураат при жетвата, односно нема квалитетна обработка на почвата.
Како еден од резултатите на овие состојби во земјоделството, увозот на агропроизводи во Македонија е во вредност од 1 милијарда евра, додека извозот на македонски земјоделски производи е околу 500.000 милиони евра годишно.
Но за познавачите на состојбите во земјоделството, суштината на предизвиците во оваа стопанска гранка, по која Македонија беше препознавана како земја со квалитетно земјоделско производство и еден од главните столбови на економијата при создавањето на државата, е недостигот од работна сила. Овој „феномен“ на недостиг од работна сила во земјоделството дополнително стана изразен во комбинација со еден друг општествен предизвик – иселувањето од земјава, за што на последниот попис, спроведен во 2021 година, се покажа дека резидентното население во Македонија е намалено за речиси 200.000 жители.
Економска логика: Ако нема работници во земјоделството, граѓаните мора да купуваат скапа увозна храна
Воопшто, Македонија се соочува со сериозен проблем на работна сила, кој е исклучително изразен во земјоделството, бидејќи речиси и нема млади луѓе што би сакале да работат во овој сектор. Економската логика е немилосрдна: ако нема работници, нема ниту производство на домашна храна, што значи дека граѓаните мора да купуваат скапа, увозна храна и при најмали ценовни шокови, ќе плаќаат далеку поскапа храна отколку во регионот и во Европа. Податоците говорат дека просечната старост на земјоделците е над 50 години и дека речиси две третини се мажи, а само една третина се жени.
Примарниот предизвик во наоѓањето решение за проблемот со работната сила во земјоделството е како да се задржат и да се мотивираат младите да бидат земјоделци, но и како жените поактивно да се вклучат во овој сектор.
„Земјоделството веќе со години важи за еден од секторите што се најчувствителни на негативни влијанија: како на климатските промени, па кризите предизвикани од нови заболувања на животните и растенијата, кои се зачестени, па сѐ до дефицит на работна сила во земјоделството, особено во делот на подмладокот. Руралните средини имаат намалена атрактивност во однос на градовите, особено за младото работоспособно население, кое мигрира. Оттука, неопходни се повеќе сегменти за да се добие задоволителна бројка на земјоделци. Преку мерки и програми како министерство ќе се потрудиме да дадеме стимулација за земјоделците, особено на младите лица.
Подобрувањето на конкурентноста и одржливоста на приходот на земјоделските стопанства, влијанието на климатските промени и приспособувањето кон нив, како и обезбедувањето одржлив развој на руралните средини се генералните точки кон кои сме насочени“, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за нивниот програмски фокус во мотивирањето млади работници во нивниот сектор.
Во однос на вклученоста на жените во земјоделството, односно за нивно поактивно учество во секторот, една од мерките на Министерството е жените да добиваат повеќе бодови при рангирањето за користење на програмите за финансиска помош.
„Жените се клучни за македонското земјоделство. Имаме поддршка за жените што се регистрирани земјоделки. Тие се од големо значење за одржување на малите земјоделски бизниси и за намалување на родовата нееднаквост што постои во земјоделството. Според регистарот во министерството, активни рурални жени има 29.971. Од нив 3.918 се жени до 40-годишна возраст.
Во нашите програми имаме финансиска поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство, во програмата за финансиска поддршка на руралниот развој по другите мерки жената добива повеќе бодови при рангирањето за користење финансиска поддршка, т.е. жената има предност при аплицирање за мерките“, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Извор mkd.mk