вестиСовети

Брзорастечки зеленчук – посејте во септември, јадете веќе во октомври

Набрзо доаѓа зимата, така што наскоро ќе ни требаат витамини и минерали, кои ќе не чуваат од вируси и бактерии. Уште сега размислувајте кој зеленчук да го посадите и посеете, како би можеле да го користите за 30 дена.

Летото брзо поминува, а со себе ги носи и своите шарени плодови. Навистина, доматот, пиперката и тиквичките, сеуште можат да се берат во септември. Тука се и слатките тикви, кои ќе ги јадеме цела зима, како и боранијата, дури до првите мразеви. Но, сега веќе полека почнуваат да недостасуваат салатите и зелениот зеленчук за да го обезбедиме организмот со витамини и минерали за претстојната зима. Така, како што се набавуваат дрвата за зимата во раниот летен период, така и организмот веќе е време да го обезбедиме со сите потреби кои ќе не држат здрави и витални во текот на зимата, се до пролетта.

Затоа, овој месец можете да посеете или посадите зеленчук, кој поради топлината на земјата, доволната влажност и сеуште долготрајниот период на сончева светлина, брзо ќе расти и напредува.

Затоа, во септември, не пропуштајте да посеете роквица, спанаќ, швајцарска блитва (блитва со розева и (или) жолта дршка), рукола, зимска салатка, кељ или да посадите лук – бел, сребрен или козји, расад на зимска салата и зимски кељ.

Спанаќот или подобро речено, бејби спанаќот со неговите мали листови, ќе биде спремен за конзумирање за 30 дена после сеидбата. При берењето, немојте да го кубите, туку зарежете ги листовите, а корените кои ќе останат, напролет ќе дадат нов род. Се сее во редови, на длабочина од 2,5 см. Истото, важи и за блитвата, која може веќе и самата се осеменила во бавчата. Пуштете ја да расте и собирајте ги младите листови.

Спанаќот, добро се согласува со роквицата, која за час е надвор. Малите црвени главици ќе ве расположат, веќе за пет до шест недели. Не сака топло време, така што, ако сеуште е претопло и ако прогностичарите најавуваат подолг период на топли денови, можете да причекате со сеидбата. Пред да ги посеете, добро растресете ја земјата. Роквицата, најчесто се сее во редови, на длабочина од 1,5 см.

Кељот, посебно нискорастечкиот кељ, ќе биде надвор, за околу 30 дена, кога можете да го берите и подготвувате. Посебно вкусен ќе биде кога ќе го „допре“ првиот мраз.

Салатите, како што се рукола, зимска салата, цикорија, а посебно добрејката, никнуваат многу брзо. Било која од нив можете да ја берете додека листовите се сеуште млади и долги 5 см. Со ножици, одрежете ги листовите и пуштете ги да растат понатаму. Добар сосед им е лукот.

Исто така, сега можете да ги посадите и белиот лук, сребрениот и козјиот лук. Неговите перја, за еден месец нема да бидат толку големи и силни, како што ќе бидат во рана пролет, но одлично ќе послужат како совршен извор на витамини и минерали.

Уживајте во прекрасниот септември, колку што можете повеќе. На сонце, со рацете во земја, а неколку седмици подоцна, уживајте во плодовите од својот труд!

 

Валентина Соколовска

за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close