Во ноември патнички воз ќе ја отвори новата пруга од Битола за Лерин
Дадена е употребна дозвола за пругата, возниот ред е направен и по 36 години повторно ќе сообраќа воз меѓу Битола и Лерин
БИТОЛА – Најдоцна во ноември ќе свирне возот од Битола до Лерин по новата пруга. Оптимистички се најавите на Македонски железници – инфраструктура, според кои, за еден месец ќе почне да сообраќа патнички воз од Битола до Лерин по новонаправената железничка пруга Битола-Кременица.
Меѓутоа, од кабинетот на Хари Локвенец, директорот на Железници, за „Независен“ потврдуваат дека возниот ред е направен и првиот патнички воз се очекува да сообраќа за околу еден месец.
„Го направивме возниот ред, за брзо време ќе се објави таа траса и веќе имавме состанок со колегите од грчка страна да ја ставиме пругата во сообраќај. За максимум еден месец пругата ќе биде ставена во сообраќај со патнички воз“, потврдуваат од Железници – инфраструктура.
Од таму додаваат дека веќе се договара со Македонски железници – транспорт да се обезбедат доволно локомотиви за да се овозможи редовен сообраќај.
Железници – инфраструктура неодамна ја доби и употребната дозвола за пругата издадена од Министерството за транспорт и врски.
„Пругата Битола – Кременица е изградена според сите технички спецификации на Европската унија. Министерството за транспорт и врски по извршениот технички увид даде употребна дозвола за користење на пругата“, потврдуваат од Министерството за транспорт за „Независен“.
Обновата на пругата од Битола за Грција се покажа како проект со многу технички проблеми и со проблеми во изведба. Дури имаше и изведувач кој не ги завршуваше работите. Па имаше проблем и со сигнализацијата и најпосле со експропријацијата на земјиштето.
„До последно имавме проблем со експропријацијата на земјиштето, но го решивме и тоа. Се работеше за затекнати ситуации“, велат од кабинетот на директорот Локвенец.
Обновата на пругата од Битола за Грција заврши во 2019 година, но поради корона кризата во последните две години не се покрена прашањето за нејзино пуштање во употреба, а уште помалку за подготовка на возниот ред, покрај затворените граници и здравствените мерки.
Па, пругата ја обраснаа високи треви, а покрај неа напасуваа и крави и овци од околните селски фарми.
Битолчани кои ги затекнавме на преминот пред индустрискиот дел на градот, со неверување ја прифаќаат веста дека за еден месец ќе свирне возот за Лерин по новоизградената пруга.
„Да видиш, да не веруваш. Побарајте на интернет, пред секоја Нова година следуваат истите најави од Владата. Дај Боже да ја пуштат и со возот за Лерин да направиме сефте, да пиеме едно грчко фрапе, да јадеме гиро. Секој ден ја поминувам пругата и рампата си стои крената, кога ќе ја видам спуштена тогаш ќе има за што да зборуваме. Ама си велам, штом ја најавуваат да не има предвремени избори?“, вели битолчанецот Панде, кој своевремено патувал со воз за Лерин за да купи „левис 501“ фармерки.
Да тргнат возовите за Грција се големи надежи и за стопанствениците од Пелагонискиот регион. Тие сметаа дека високо на агендите на двете земји треба да се стават економските вредности, зашто за овдешното стопанство е особено значајно солунското пристаниште.
Во Пелагонискиот регион – Битола, Ресен, Демир Хисар – има над 160 извозно ориентирани фирми кои го користат пристаништето во Солун и имаат потреба од железница заради трговска размена и економската исплатливост.
Изградбата на пругата Битола-Кременица се случува после 32 години, а ако се исполнат ветувањата за враќање на возот за Грција, тоа ќе значи дека после пауза од 36 години, повторно ќе сообраќа воз од Битола за Лерин.
Пругата е проект за кој се издвоија пари од државниот буџет и средства од европските фондови. Зафатот вреден 17,2 милиони евра е финансиран со грант од Европската унија (6 милиони евра) и со средства од државниот буџет (11 милиони евра).
Железничката пругата од Битола до пограничното село Кременица, на самата гранична линија со Грција е во должина од 17 километри. Крак со станица за претовар има и во индустриската зона „Жабени“ кај Битола, покрај која минува пругата. Со проектот се изградија 9 мостови, 38 пропусти, 30 премини за животни, нова станична зграда и објект за сигнализација и телекомуникации на потегот меѓу Битола и Кременица.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека се разговара со грчката страна за заеднички граничен премин на пругата. Но, засега нема конкретен потег. https://nezavisen.mk/vo-noemvri-patnichki-voz-kje-ja-otvori-novata-pruga-od-bitola-za-lerin/