Во полн ек бербата на грозјето, квалитетот слаб
Бербата на грозјето е во полн ек, а паралелно се одвива и откупот во штипските винарии. Годинава има голем диверзитет во однос на сортите на грозје кои лозарите ги нудат на откупувачите, но сепак доминира Вранецот. Според досега откупеното, од винариите велат дека се задоволни од квантитетот, но не и од квалитетот на грозјето.
– Кога станува збор за квалитетот на грозјето, можам да кажам дека оваа година е под просек или незадоволителен, имајќи во предвид дека минатата година беше лоша и големи измрзнувања претрпеа лозовите насади на производителите и тоа се рефлектираше и оваа година-изјави АТАНАС РУНЧЕВ, ТЕХНИЧКИ ДИРЕКТОР-ИМАКО ВИНО
Лозовите насади беа зафатени и од болести, пепелница и пламеница, а малиот број на шеќерни единици е резултат на дождовите кои паѓаа во период кога грозјето зрееше и му беа потребни сончеви часови. Во следните неколку дена ќе започне и бербата на Смедеревката, сорта која беше помалку погодена од временските неприлики.
– Очекувам дека ќе биде подобар квалитетот во однос на Вранецот, но оставам да видиме какви ќе бидат временските прилики при бербата- додаде Рунчев
Винариите годинава очекуваат да откупат двојно повеќе од лани и целосно да ги пополнат своите капацитети.