Во тек е отворениот повик за финансиска поддршка на нови земјоделски задруги
Информативна сесија за здружување на земјоделците во задруги за повикот за аплицирање за финансиска поддршка кој трае до 31 март денеска се одржа во Велес во рамките на проектот „Во задруга за подобра иднина” што го спроведуваат CARE и Македонската развојна фондација за претпријатијата со финансиска поддршка од Европската Унија.
Заинтересираните задруги или иницијатори на задруги најкасно до денеска треба да се пријават за техничка поддршка. Минимум критериумот кој мора да се исполнат апликантите за да се добијат финансиска поддршка од проект е 60 проценти од вкупниот број на членовите на задругата да се жени или помлади од 40 години.
Како што информира за МИА Марина Јоноска од Македонската развојна фондација за претпријатија, со проектот ќе се финансираат земјоделски задруги кои се регистрирани во надлежните регистри во Централниот регистер и во МЗШВ од 30 јуни 2018 до крајниот рок на објавување на овој повик 31 март 2020 година. Таа појасни дека апликанти на повикот може да бидат само новите земјоделски задруги.
-Целта со овој проект е да се поттикне задругарството со вклучување на млади лица под 40 години и вклучување на жените во задругарството, затоа што сега најголем број од задругарите се лица над 40 години, изјави Јоноска.
Информира дека во првиот повик од Велес и велешко немало финансиски подржани задруги иако пред година и пол имале инфо сесија во Општина Чашка и имало заинтересирани, но немало пријавени. Затоа, како што рече, се одлучиле за оваа втора инфо сесија во Општина Велес, за вториот повик кој е во тек. На инфо сесијата освен од Велес имаше и земјоделци од општините Градско и Чашка.
За вториот повик предвидени се четири грантови со максимален износ од 40 илјади евра од апликант, а тие на располагање имаат вкупно околу 160 илјади евра.
-Во првиот повик беа доделени 850 илјади евра за 17 задруги од кои девет постоечки и осум нови, но не се реализирани, само е склучен договор за грант. Сега постапката е за набавка на опрема, механизација, реконструкција или изградба на објект или друго, во зависност од потребата на задругата, појасни Јоноска.
Таа ги повика младите земјоделци и жени да се вклучат во задруги и со тоа, потенцира, да имаат можност да аплицираат на овој втор повик. Документите за пријавување и понатамошни насоки може да ги најдат на www.zadrugi.mk. /МИА