fbpx
ВестиТоп вести

 Во Тетово постои бања што државата не ја есапи, ама луѓето масовно ја користат

 

 

Лековита бања, извори со минерална вода, пешачки патеки, бујна вегетација, густа шума, специфични карпести предели, река, извори пештери.

Рекреативното место Бањиче лоцирано на Шара на само неколку километри од Тетово плени со своите убавини.Тоа е едно од најпосетуваните места во тетовско, пред се поради убавините кои ги нуди, но и близината до самиот град.

Колку што е старо Тетово толку е и овој предел врежан во мемориите на тетовци. За примамливоста на местото говорат и податоците дека тука се изградил и објект дури и во времето на Австро – Унгарското царство каде доаѓале великодостојници да се лечат од лековитите води, чии извори се во голем број.

Тука во оваа месност народски кажано каде и да удриш со мотика излегува извориште со лековита вода. Има изградено импровизирана машка и женска бања покрај самата река Пена каде доаѓаат луѓе од цела Македонија и како што велат се лекуваат од разни болести.

-Тука водата навистина лекува, јас имам реума и ми ги смирува болките. Температурата на водата е одлична умерена, не е ниту топла ниту многу ладна, во текот на цела година е константна температурата.Тука гледам доаѓаат и луѓе кои се лекуваат од разни кожни болести. Оваа импровизирана бања  ние сами ја правиме, кога на зима ќе надојде реката таа ќе се урне, вели еден тетовец кој често ја користи оваа машката бања.

Тука има доста изворишта со минерална вода која луѓето ја полнат како што велат најчесто за лекување на болки во стомакот. Моментално има четири извори со вода откако неодамна кај стариот извор се појави повторно минерална вода. Од Центарот за јавно здравје Тетово, велат дека нивните мерења покажуваат дека водата е чиста и исправна за пиење, единствено водата кај стариот извор која пак се појавила по неколку години пауза

-Тука има повеќе извори и ние често ја проверуваме нивната исправност. Засега нема никакви проблеми и микробиолошки и хемиски е чиста и исправна водата за пиење. Само кај стариот извор каде неодамна се појави водата имаме микробиолошка неисправност, но тука во овие изворишта не течела вода со години, па се надеваме со тек на време и таа вода ќе се избистри. Но морам да напоменам дека тука гледам луѓето полнат вода со шишиња за дома. Таа вода не може многу да се користи до една чаша дневно смее, здрава е секако ,но не смее да се пие во големи количини. Посебно изворот кој е над Бањиче таа ја викаат стрес вода, од таа препорачливо е да се пие пола чаша, рече д-р Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија.

 Убавините и природните полезности неискористени.

 

Иако природата многу дала досега ниту централните ниту локалните власти не се заангажирале Бањиче да прерасне во место каде што ќе се развие бањски туризам. Единствено досега до овва место е реконструиран патот и изградена пешачка патека. Останатото стои како што господ го создал и и таа убавина коај ја создал човекот ја уништува. На диво беа никаков план изградени се повеќе објекти на сметка на шумата. Тука нема ниту фекална ниту атмосферсkа канализација па фекалиите како по примерот и со останатите мести во полошко најверојатно затоа што нема каде ќе завршат во реката Пена каде и сега се загадува и во неа се фрла се и сешто. Често  в долж патот има ерозивни процеси и голем дел од потпорните ѕидови се навалени и сеат страв на рекреативците кои го користат ова место за пешачење.

Ни покрај големите пропусти луѓето не се откажуваат од месноста Бањиче и сами си прават бањи си градат чешми на извориштата со минерална вода, а реката во летниот период  ја користат за бањање и голем дел од граѓаните тука го поминуваат летниот одмор. Се надеваат на подобри времиња и еден ден ова место ќе биде искористено што ќе резултира со економски бенефит и за државата и за локалното население.

Зоран Димовски

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close