Во Тиквешкиот регион во тек е специјална берба на „Темјаника“
Лозаропроизводителите од Тиквешкиот регион ја извршуваат специјалната берба на грозјето од сортата „Темјаника“. Индивидуалните производители ги користат временските прилики за да го соберат најквалитетното грозје.
Во Тиквешијата се врши специјална берба на грозје од сортата„Темјаника“. Грозјето е со одличен квалитет и производителите брзаат да го соберат. Евентуални дождови кои ги најавуваат хидрометеоролозите може да предизвикаат пукање на зрната, како она што се случи кај дел од трпезното грозје, а тоа може да се одрази на квалитетот на грозјето кое во моментов е во одлична состојба и со висок процент на шеќерни единици во својот состав, велат производителите.
Помалите производители произведеното грозје го берат за сопствени потреби, а вишоците ги носат во ВВ Тиквеш која во моментот е единствена винарија која врши откуп. Според информацијата на индивидуалните лозаропроизводители во оваа винарија откупот на „Темјаниката“ се врши по 20ден/кг плус 3 ден за специјална берба (берба во гајби).
-Почнав со берба на сортата „Темјаника“ и многу сум задоволен од квалитетот, во составот има 22 шеќерни единици што е одлично. Очекувам од 2,5 декари површина да соберам околу 1500 кг грозје. Целата количина од ова грозје ќе оди за потребите на семејната винарија ВВ „Пешков“. После „Темјаниката“ ќе продолжиме со берба и на другите сорти, смедеревка и вранец од кои дел ќе оди за сопствено производство на вино, а вишокот ќе го носиме во ВВ „Тиквеш“, изјави за Зелена берза Зоран Пешков, производител од с. Ресава Кавадаречко.
Тој применува органско производство на грозје на површина од 2,5 ха и очекува род од околу 25 тони грозје. Вели дека проблемот со откупните цени на грозјето мора да биде решен со цел да не се обезвреднува трудот на земјоделците, а од друга страна да ги мотивира оние лозари кои од тоа егзистираат.
-Оние производители чија егзистенција не зависи од грозјето го даваат и по многу ниски цени, што не може да биде прифатено од лозари чија егзистенција зависи од лозаро производството. Проблемот мора да се реши за подолг период со што лозарите ќе бидат мотивирани, вели Пешков.
П.Јовановска