Војници на НАТО ќе јадат македонски јајца
– Благодарение на компанијата „Еколог”, која е присутна во целиот свет и е една од компаниите снабдувачи на НАТО и на ОН, ние почнавме да ја снабдуваме американската војска во НАТО со наши производи секаде во светот. За нас ова има огромно значење, затоа што токму во годината кога одбележуваме 15 години постоење, се потврдува квалитетот на нашите производи вели Арбен Абдурахмани, сопственик на „Везе Шари“.
Тој се надева дека за кратко време, освен со јајца, НАТО ќе се снабдува и со сувомесни производи од компанијата „Лекер“, што секако ќе зависи од потребата на „Еколог”.
– На новото партнерство гледаме како на можност пред светот да докажеме дека поседуваме производи и тим за светски битки и докажувања. Со нашите германски партнери, во изминативе години, внимателно работевме на секој чекор од нашето портфолио. Нашите планови се да продолжиме со производство на квалитетни производи и да ја прошириме соработката со НАТО и на други континенти, вели Абдурахмани.
За неговата партнерка од Германија, Клаудија Семилер, оваа соработка е плод на макотрпната работа досега.
– Оваа соработка, пред се, е плод на нашата досегашна макотрпна работа и заложби. Она што ни значи е дека се повеќе земји низ светот го препознаваат нашиот квалитет, во конкретниов случај станува збор за соработка со базата на НАТО во Авганистан. Соработката, воедно, е и дел од мисијата на компанијата за продуктно ширење во нови географски реони каде што постои ваков потенцијал. Оваа година поставивме високи цели, во согласност со нашата бизнис-стратегија за пораст и развој. Во план се нови инвестиции објаснува Семилер.
Компанијата „Везе Шари“ почна со одгледување пилиња и фарма на несилки за производство на јајца во 2000 година. Пет години подоцна продолжи со инвестиција за производство на сувомесни производи, кои од 2007 година почнаа да се продаваат под брендот „Лекер“. Во 2013 година ја изгради и првата електроцентрала за биогас во Македонија „Електрошари”.