fbpx
Вести

Возиме евтино, но се храниме скапо

Возиме евтино, но се храниме скапо. Цените на бензините го достигнуваат минимумот во последните години, следејќи го падот на цените на нафтата на светските берзи. Сепак, иако од јули минатата година движењето на цените и на бензинот и на дизелот бележат надолен тренд, тоа не повлече намалување на цените на стоките и на услугите. Иста цена имаат и храната, облеката, обувките и билетите за транспорт.

Иако возачите се радуваат на пониските цени, тие очекуваа поголема добивка за домашниот буџет.

vozime eftino no se hranime skapo

 

„Не може цената на кој било производ да остане иста или сега да биде дури и повисока, од времето кога бензинот достигнуваше дури 90 денари, а сега литар се продава за помалку од едно евро, што е намалување од триесетина проценти. Во изминатите две години намалувањата се движат и до 60 проценти. Речиси во секој бизнис транспортните трошоци имаат голем удел во месечните расходи. Тоа значи дека штом ниту една цена не се намали, дека и производителите и трговците имаат поголема заработка која ја ставаат в џеб“, вели скопјанецот Стефан Ивановски.

Трговците немаат ниту најави дека олеснувањата во трошоците за гориво ќе предизвикаат и намалување на цените на нивните производи. Повеќето од нив велат дека иако бензинот континуирано паѓа повеќе од половина година, за тоа вистински да се почувствува во бизнисот треба подолго време. Тие тврдат дека дури и со намалени трошоци едвај се одржуваат на позитивна нула, а за поевтинувања не ни размислуваат. Поголемиот прилив се користи за покривање на стари трошоци и загуби или пак за амортизирање на повисоки давачки кои им доаѓаат од друга страна.

Земјоделците се жалат дека ѓубривата им се скапи, па нема да можат да ги поевтинат земјоделските производи. Мелничарите, пак, велат дека увозните суровини им ја диктираат цената на лебот. Транспортерите секогаш балансираат на работ на профитабилноста, a намалените цени на горивата им се шанса да закрпат некои финансиски дупки.

655-402-kutiia-za-hrana-domashna-hrana-obiad

Со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика цената на горивата се намалија за 3,5 денари. „Еуросупер 95“ се продава 57,5 денари за литар, а „еуросупер 98“ сега чини 59,5 денари, додека дизелот падна на 39 денари за литар. Нови намалувања се очекуваат и од понеделник, кога Регулаторната комисија ќе треба да ги соопшти новите цени.

Во регионот, Македонија е речиси на исто ниво со цените на горивата во Бугарија, иако разликата во стандардот е огромна. Литар „еуросупер 95“ во Бугарија е 0,92 евра, а дизелот е 0,96 евра. Во Косово „еуросупер 95“ чини 1 евро, a дизелот 0,99 евра. Иста цена има и дизелот во Грција, додека пак литар „еуросупер 95“ се продава за 1,25 евра. Најскапо гориво во Европа плаќаат Норвежаните. Литар „еуросупер 95“ чини 1,5 евра, a дизел 1,32 евра. Но Норвешка е на врвот на најбогатите земји во светот.

Со оглед на незапирливиот тренд на намалување на цените на нафтата на берзите, веројатно е дека од другата недела ќе возиме уште поевтин бензин. Но, и во тој случај, иако логиката така налага, сепак се чини дека е луксуз да се надеваме дека цените ќе го следат тој тренд. Граѓаните се револтирани бидејќи, велат, во обратни ситуации, кога нафтата поскапува и производителите и трговците реагираат веднаш. Сите артикли добиваат повисоки цени.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close