За една година наплатени 100.000 евра казни за недозволена трговија и див откуп

(Oвој напис е објавен на: February 24, 2017)

Пестициди во цреши, марули и зелки, недозволена трговија со овошје и зеленчук, откуп на диво и уништена храна на депонија се само дел од недоследностите што лани ги утврдила земјоделската инспекција. За сите неправилности кои биле направени од земјоделците, трговците и откупувачите, но и фирмите кои работата во агросекторот за една година наплатени се казни од околу 110.000 евра. Од Инспекторатот велат дека е забележано недозволено тргување со различни производи. Лани немаат откриено увоз на препарати што не се на зелената европска листа, односно не се исправни. Но затоа имаат откриено отровна храна која е уништена на „Дрисла“. Во Инспекторатот велат дека за една година имаат извршено 34.298 инспекциски надзори при што се издадени 975 решенија за отстранување на неправилности. Во исто време спроведени се 147 едукации, издадени се 4 мандатни казни, а наплатени се три.

za edna godina naplateni 100 000 evra kazni za nedozvolena trgovija i div otkup

Постојано на терен

Во инспекцијата велат дека нивните вработени се постојано на терен. Се контролира производството, откупот, препаратите во земјоделството како и недозволеното присуство на отровни материи. Во речиси сите сектори издадени се 595, а наплатени се 112 платни налози.

– Во однос на неплатени платни налози поднесени се вкупно 428 барања за поведување прекршочна постапка до прекршочен орган. Од нив 47 барања се до прекршочна комисија во областа на земјоделството и 381 барање до суд. Засега има 41 неподнесено барање во однос на неплатени платни налози и поднесени се 9 кривични пријави. Вкупно висината на глобите за 2015 е 30.750 денари за мандатни казни и 6.506.728 денари за платни налози – вели директорот на Инспекторатот Цветан Трипуновски. Според него, надлежноста на Инспекторатот да ги контролира и граничните премини ја прави речиси невозможна намерата да се увезе недозволен препарат за заштита на растенијата.

– Државниот инспекторат има надлежност да врши контрола на увозот и има свои објекти на граничните премини, во соработка со другите надлежни институции. Поради строгата контрола во моментов, сите препарати што се увезени се во согласност со сите законски прописи и регулативи. Значи дека с` со што се третирани растенијата, се наоѓа на зелената листа – вели Трипуновски

Отровна храна

Во Инспекторатот велат дека се прави и недозволена трговија меѓу откупувачи и земјоделци иако според законот, откупот треба да се врши на строго означено место и за таа цел обележано, а парите не треба да се даваат на рака на земјоделците туку треба да се исплатат на сметка.

– Секаде каде што се констатирани непрописни (диви) откупи на непријавено место од физички и правни лица се изрекуваат глоби во согласност со Законот за земјоделството и руралниот развој. Потоа предметите се одземаат со потврда за привремено одземање и се предаваат до Агенцијата за управување и контрола со одземен имот – велат оттаму. Според нив, во текот на минатата година, Државниот инспекторат за земјоделство констатирал четири случаи на храна со пестициди или други отровни материи. Дел од истата е уништена по принцип на заорување, додека остатокот е уништен во депонијата „Дрисла“.

Само за потсетување лани на „Дрисла“ беа уништени и 100 тони на грозје со пестициди кои беа пронајдени од Агенцијата за храна. Според податоците, од нивна страна лани вкупно биле уништени околу 300 тони храна како од животинско така и од растително потекло.

За радување е фактот што лани немало пронајдено недозволени семиња што секоја година на земјоделците им прават огромни проблеми. Плаќаат за една сорта, а добиваат друга.