За пласман над милион денари, враќање на персоналецот
На земјоделците кои годишно ќе продадат производи до еден милион денари, што е околу 16 илјади евра, ќе им биде вратен персоналниот данок. Од Министерството за земјоделство велат дека не постои можноста земјоделците воопшто да не го плаќаат овој данок. Причина за тоа е потребата да биде евидентирана нивната работа, но уплатените пари ќе им се враќаат.
„Тоа значи дека околу 65.000 земјоделци на почетокот на секоја година на своја сметка ќе добијат износ еднаков на задржаниот данок.“ – изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство
Се очекува поради оваа мерка, кај земјоделците на државно ниво да останат седум милиони евра. Нема да имаат ниту обврска да поднесат даночни пријави. Тоа ќе го прават откупувачите во нивно име. Од Министерството велат дека ова е индиректно плаќање и оти е во согласност со правилата на Европската Унија. Наведуваат и дека со мерката за враќање на парите конечно ќе се направи евиденција на кои земјоделци ова им е основна дејност и колку се произвело од одредена земјоделска култура и по која цена се продавала.