За развој на селскиот туризам во Македонија, државата обезбеди 2,5 милиони денари
Право на учество на овој јавен повик за добивање субвенции имаат сите физички лица кои вршат угостителска дејност во автентични традиционални услови, при што ќе се обезбеди кофинансирање до 60% од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари
Државата планира во Македонија да го форсира развојот на традиционалниот популарно наречен селски туризам по примерот на земјите од регионот. Токму затоа Министерството за економија, согласно програмата за развој на туризмот годинава планира да го субвенционира селскиот туризам во Македонија за што е објавен јавен повик што е отворен до 30 септември годинава. За оваа намена обезбедени се државни пари во вредност од 2,5 милиони денари.
Според планираното ќе се субвенционираат туристички цели на селските домаќинства. Право на учество на овој јавен повик имаат сите физички лица кои вршат угостителска дејност и кои се категоризирани согласно Правилникот за начинот и поблиските критериуми за добивање на ознаката во селските домаќинства во руралните средини согласно Законот за угостителската дејност.
Заинтересираните лица кои што сакаат да се занимаваат со овој бизнис барањето до Министерство за економија, треба да се достават до Секторот за туризам и угостителство. Покрај барањето неопходно е да се достави и решение за категоризација на угостителскиот објект кое што го дава локалната власт.
-Услови за добивање на субвенција, односно субвенционирањето за туристички цели на селски домаќинства ќе се врши преку кофинансирање до 60% од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари – велат од Економија и појаснуваат дека за да се добијат субвенциите објектот треба да е уреден и опремен согласно традицијата на регионот во кој се наоѓа.
Треба да биде запазена и традицијата околу подготовка и послужување топли и ладни јадења, пијалоци и напивки вообичаени за крајот во кој се наоѓа селското домаќинство, Да нуди услуги за сместување и тоа најмногу до 10 соби, односно 20 легла,
Дел од условите за да се води селскиот туризам е надворешниот изглед на куќата да биде без оштетување и знаци на дотраеност, а околината да биде уредена.
Од Министерството за економија нагласуваат дека и средствата од субвенциите не се наменети за кофинансирање доколку се потребни за потрошен материјал и возила, за царина и курсни разлики … како и хонорари и дневници за ангажираните лица или, пак,
Комисиијата субвенционирањето ќе го прави по принципот “прв дојден, прв услужен#, односно по редослед на поднесување на апликацијата, до исцрпување на средствата.
-Доколку поднесеното Барање е некомплетно, Комисијата писмено ќе се обрати до апликантот и ќе се определи рок за дополнување на Барањето за субвенционирање. Со цел запазување на принципот “прв дојден, прв услужен#. За Барањата со некомплетна документација, како датум на поднесување на Барањето ќе се смета датумот на последното дополнување на Барањето, односно датумот кога Барањето за субвенциорнирање ќе биде целосно комплетирано – објаснуваат од Министерството.
Исто така доколку лицето што ја добило субвенцијата престане да работи во овој сектор пред истекот на една година од добиените средства, тогаш има обврска да врати 80 % од субвенциите. Исто така преку посебни комисии ќе се контролира работењето на овие семејства.
Комисија при увид на лице место ќе констатира дека трошокот е реално направен и е во согласност со приложените финансиски докази.
Увидот на лице место Комисијата ќе го направи во рок од еден месец по истекот на рокот за аплицирање утврден во Јавниот повик по што ќе следи исплата на средства од страна на Министерството за економија за апликантите кои во целост ги исполнуваат условите од јавниот повик.
Исто така апликантите кои бараат кофинансирање на трошоците за набавка на опрема кај оваа мерка се обврзани набавената опрема да не ја оттуѓат во рок од две години од денот на нејзината набавка.