Сточарите беспари, а млекото во маркетите преку ноќ драстично поскапе
Откупот на сурово млеко од фармерите и понатаму се прави по исти цени, од 11 до 18 денари за литар млеко
Драстичен раст на цените на млекото во тетрапак низ продавниците забележуваат граѓаните, кои алармираат дека цената достигнува и до 70 денари за литар млеко.
-Секој ден купуваме тетрапак трајно млеко од еден литар, најмногу за домашни потреби, и тоа низ некој од поголемите маркети во Скопје. Во средата што да видам, сите млека беа значително поскапени, дури и за дваесет денари, можеби некои помалку од 20 денари, но битно сите беа поскапени, од домашните, до турските, српските и хрватските производи, без оглед на масленоста. Ако до вчера цената на млекото беше 55 денари, сега цената на литар тетрапак ја платив 68 денари, ова беше голем шок за нас – вели Кузман Атанасов од Скопје за Фактор.
Упатените укажуваат оти растот во малопродажба не може да се должи на раст на цената на млекото купено од фармерите, бидејќи откупот на сурово млеко од фармерите и понатаму се прави по исти цени, од 11 до 18 денари за литар млеко.
– Иако растат трошоците на фармерите бидејќи цените на ѓубривата им се значително зголемени, сепак, цената по која се откупува млекото од фармерите е иста. Зависно од количините кои ги обезбедуваат фармерите, млекото им се откупува по цени почнувајќи од 11 денари за литар. Растот на цените во малопродажба не се должи на зголемени трошоци за откуп на млеко. Дали удел имаат зголемените трошоци за нафта, струја или други трошоци не би коментирал, но сметам дека растот не е оправдан и државата треба да преземе контролни механизми за да се стопира вртоглавиот раст оти ова мошне негативно ќе влијае врз грѓаните – вели еден советник за земјоделство кој инсистираше на анонимнот.
Тој дополни дека ваквото поскапување е удар за сите граѓани, бидејќи се зголемуваат трошоците за граѓаните за основни производи, а значителниот раст на цените на млекото му наликува на воено профитерство.
Податоците на Државниот завод за статистика за цените на проиводите во малопродажба покажуваат дека во месец март годинава сме имале просечна цена за литар млеко од 56,54 денари, но се забележува дека од град во град има големи разлики. Најскапа цена за литар трајно млеко во тетрапак со масленост 3,2 отсто било забележано во Битола и тоа од 58,24 денари, додека најниска цена била забележана во Велес од 59,49 денари. Во Скопје просечната цена во месец март била 56,65 денари. https://faktor.mk/mlekoto-vo-marketite-preku-nokj-drastichno-poskape-koj-kje-gi-zashtiti-gragjanite