fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

За Свети Никола се троши повеќе риба отколку за цела година

Граѓаните се жалат дека рибата годинава е поскапа и до 30 отсто. Рекордер се филетите од лосос, кои чинат 1.000 денари за килограм, додека најевтин е смрзнатиот ослич, кој влезе во новогодишната акција и сега главно се продава околу 150 денари за килограм

Од средината на декември до првите денови од јануари, во домашните рибарници се продава повеќе риба отколку за целата година, со посебен акцент дека дури 50 отсто од продадените количества се за Свети Никола. И додека во некои земји рибата може да се најде на менито секој ден, во Македонија, поголеми количества се јадат за Свети Никола, Божиќ и Велипеток. Свети Никола е една од најголемите, ако не и најголемата слава меѓу православните христијани и се совпаѓа со Великиот пост. Затоа и не е чудно што оние што чекаат гости, нарачуваат риба две-три недели однапред.

Годинава граѓаните се жалат, а тоа за https://www.slobodenpecat.mk/го потврдија и во рибарниците, дека цената на свежата риба е поскапена за 30 отсто за разлика од лани. Сепак, без риба нема слава, а граѓаните најмногу купуваат свеж крап и пастрмка, кои се продаваат за 350 денари за килограм. Продавачите се конкретни и велат дека се купуваат од 2 до 10 килограми, но за разлика од претходните години, граѓаните сè помалку трошат за овие прослави. Тие тврдат дека свежата риба е исклучиво од домашните рибници, додека морската која е двојно поскапа е од увоз. Рекордер се филетите од лосос, кои чинат 1.000 денари за килограм, додека најевтин е смрзнатиот ослич, кој влезе во новогодишната акција и сега главно се продава околу 150 денари за килограм.

– Декември имаме полни раце работа, а продажбата е поголема отколку за целата година. Но, стандардот и инфлацијата си го прават своето, па така славите се сè поскромни и главно во кругот на семејството. Главно се купува свеж крап и пастрмка, а само побогатите купуваат морска риба – раскажуваат во рибарницата на Зелениот пазар во Скопје.

Македонците повеќе јадат месо, а за вообичаените количества на изедена риба според статистиката за минатата година, цената е најпресудна. Според ДЗС, едно македонско семејство лани купило 13 килограми замрзнат ослич, 2,4 килограми свежа пастрмка, 1,4 килограми туна. Купувањето црвеноперка или друга морска храна се мери во грамови.
Посниот празник што се слави денес, бара и други значителни трошоци.

Иако посните оброци обично се поедноставни од масните, за нив треба да се одвојат одредени средства, кои годинава се повисоки од претходните години. Прво и основно е драстичното зголемување на цената на зелката, а за оние што не ставаат дома, еден килограм стасана на пазарите достигна фантастични 120 денари. Интересно е што веќе два дена киселата зелка ја снема не само од тезгите, туку и од рафтовите во маркетите.

Трпезата за Свети Никола бара и маслинки (350 до 500 денари за килограм), зелена салата 80 денари парче, кој не ставил кисела туршија сега може да ја купи за 300 денари за килограм, оревите чинат од 500 до 700 денари, а другите апетисани и до 1.000 денари за килограм. Славските погачи се нудат за 150 до 200 денари, а килограм посни кифлички од 250 до 350 денари. Килограм готова баклава се продава од 400 до 1.500 денари, а на парче стигна и до 120 денари.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close