вестиМакедонијаТоп вести

Буковскиот манастир-духовен центар со раскошна убавина

Овој манастир бил едно од омилените места на дипломатскиот кор во конзулска Битола за време на Отоманската империја.

Потпелистерие- Често се вели дека Буковскиот манастир „Свето Преображение Христово“ е духовен центар за голем број македонски верници од потпелистерските и пелагониските населби.

Како градба манастирот е еден од најрепрезентативните во Потпелистерскиот Регион.

-Ноќта спроти 19 август буковци, битолчани, верници од целиот овој крај доаѓаат во манастирот спроти празникот Преображение, или како ние што си го знаме празникот Спасовден. Стотина верници креваат лепче за здравје, а буковци чекаат гости и служат ручек. Селото заживува во чест на празникот, а се организираат и игранки. Манастирот се одржува со средства од верниците, но и од иселеници од овие краишта. Нашите иселеници го темпираат времето да дојдат во родниот крај баш на празникот, бидејќи многу им значи, вели Анита Главевска, жител на Буково.

Сместен во живописен предел на околу 2 км над селото Буково, на доминантна височинка опкружена со густа шума, до манастирот се доаѓа од правецот на селото Буково, но можно е да се пристигне и од селото Крстоар по тесниот асфалтен пат кој поминува покрај Крстоарскиот манастир.

Манастирската црква е изградена во 1837 година, во центарот на оградениот манастирски двор. Над западниот влез е издлабен натпис, кој ни ја кажува годината на изградба.

Комплексот се состои од манастирска црква, порта, конаци со кујна и трпезарија, камбанарија и помошни објекти. Од архитектонски поглед црквата претставува комбинација меѓу трикорабна базилика и впишан крст со купола, која се издига во централниот дел на храмот. Влезовите се на јужната, западната и северната страна.

Во дворот на црквата е камбанаријата со една камбана. Околу црквата, се наоѓаат манастирските соби. Манастирот денес го одржува локалното население, кој поради близината до Битола, чистиот воздух и живописната природа, е една од омилените локации за пикник на битолчани.

Со реконструкцијата на конаците се создадени услови и за повеќедневен престој во овој прекрасен амбиент.

Монашки и духовен центар во Битолско

Историските сведоштва за Буковскиот манастир зборуваат за неговото повеќевековно опстојување како еден од поголемите монашки и духовни центри во Битолско. За жал, денес многу малку е расветлен неговиот вековен живот. Малку и од историски и од археолошки и од културолошки аспект.

Манастирот бил возобновен на почетокот на XIX век. Првично имал монаси, но половина век подоцна монашкиот живот замрел и управувањето било преземено од мирјани од Битола.

-За Битола овој манастир е еден од најважните духовни трезори коишто сериозно влијаеле врз животот, опстојувањето и вистинските духовни насоки на православното население и пошироко. Манастирот „Свето Преображение Господово“ е подигнат во 1837 година над многу постарата црква. Таа црква е спомната во Зографскиот помник од 1527 до 1728 година, што значи дека, самата црква и манастир имаат многу постаро опстојување. Ова е еден од фактите што го прават манастирот еден од најстарите, а можеби и најстар, во близината на битолската околина. Тој го има истото значење како Слепченскиот или Топличкиот манастир. Значење кое, пред сè, се однесува во опстојувањето на монаштвото и пред сè во препишувачката и литературна активност кој можеби во некои домени била поизразита, побројна и од онаа во Слепченскиот манастир, стои во книгата „Библиотечната дејност во Битола и Битолско“.

Марко Цепенков ќе напише дека Буковскиот манастир го нарекувале и втор Хиландар, пред сè по својот огромен книжевен фонд кој го одржувале и надополнувале учените и бројните монаси што овде опстојувале, наспроти османлиските освојувања и наспроти бројните згаснувања на монашките центри низ цела Македонија.

-Од зачетоците до 1974 година Буковскиот манастир, особено оној постариот, е можеби еден од најзначајните центри по Хиландар за овој дел на Балканот, центри кои непречено ја ширеле словенската писменост и духовност во континуитет од повеќе векови, пишува во книгата „Библиотечната дејност во Битола и Битолско“.

Манастирот омилено место на битолските конзули

Овој манастир бил исто така едно од омилените места на дипломатскиот кор во конзулска Битола за време на Отоманската империја. Тука често престојувал Рускиот конзул Александар Аркадиевич Ростковски.

На 8 август 1903 година, во 10 часот наутро, раскошниот пајтон на конзулот Ростковски со два бели и два црни коња доаѓал од Буково по убавиот железнички булевар придружен само од неговиот близок пријател Крсте Петков Мисирков, првиот македонски идеолог на македонската нација, кој ги учел неговите деца. Таму конзулот летувал со своето семејство, во раскошно убавата горска месност, покрај планински ладни извори, додека не поминат најголемите летни горештини во Битола.

-Ростковски бил близок со Крсте Петков Мисирков, а на денот на атентатот заедно седеле во пајтонот. Атентатот на конзулот се третира дали е наменет за него или за Мисирков, кој бил личен пријател на Ростковски и воспитувач на неговите деца. Засега се тврди дека е наменет за Ростковски и дека Мисирков бил случајно со него, а тој случајно ќе настрадал со живот, вели професорот Александар Стерјовски, хроничар на Битола.

 

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close