fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

За варосување се чека два до три месеци, кај плочкарите и до шест

Лесно им е на занаетчиите

Сезоната на куќните поправки и преправки е во полн ек, па сите што знаат да ракуваат со четка, клешта и чекан се толку зафатени, та ако сега закажете за молерисување, ќе добиете слободен термин за два до три месеци. Плочкарите се најдефицитарни, па за нив се чека и по шест месеци. И да е физички можно да се работи и во трета смена, велат извори од занаетчискиот еснаф, повторно ќе нема слободни мајстори, оти јавна тајна е дека летово дел од нив ги реновираат апартманите што нашинците ги купуваат или изнајмуваат во грчките летувалишта.

Работа имаме преку глава, потврдуваат мајсторите, кои за да постигнат, ангажираат и пензионери. Цените за реновирање се поскапени од 50 до 60 проценти, па така за квадрат молерисување со обична боја се наплатува од 80 до 150 денари, фарбање со мрсна боја чини 150 денари од квадрат, квадрат подобри плочки за кујна или за бања се движи и до 1.500 денари, а електричарите веќе наплатуваат поставување инсталација од метар. Анализите покажуваат дека на земјата ѝ недостигаат околу 10.000 работници годишно, а најпогодени се градежништвото и туризмот.

– Од короната наваму секој слободен термин е зафатен. Масовно се гради, се преправа, се поправа, се префарбува, се менуваат плочки, се менува електрична инсталација, се уриваат ѕидови и се ставаат прегради. Речиси секој што влегува во нов стан има замерка и сака да ја поправи. Градежната сезона е во полн ек и дел од мајсторите работат на новите згради, а попладне се ангажирани приватно кај други муштерии. Некои земаат и по неколку работи во исто време, се работи според системот „тргни-застани“ и реновирањето се одолговлекува, а граѓаните се врзани додека не им заврши проектот. Поради ова некои се решаваат да бидат сами свои мајстори, особено ако имаат мал зафат, бидејќи мајсторите не се нафаќаат – велат во една продавница за бои, лакови и градежни материјали.

За каков недостиг од мајстори и искусни занаетчии, од чии удари одекнуваа домовите во текот на јули и август, сведочат и многу невообичаени ситуации. Ако некаде и се реновира, барем тројца-четворица соседи се јавуваат со многу надеж и прашање: „Ако имате слободно време, да ми го офарбате ходникот и кујната? Бањата не е голема. Сам ќе ги искршам плочките. Ваше е само да дојдете и да ги замените цевките и да ја поставите керамиката“.

Во Скопје, на пример, ви се потребни најмалку десетина дена за да ви монтираат клима.

Пребарувајќи по страните каде што се објавуваат работни места, не е ништо необично што работодавачите бараат молери, електричари, искусни ѕидари и завршни работници во градежништвото, нудејќи плати над или во опсегот на професори, лекари, почетници ИТ-програмери. И нема простор за изненадување. Мајсторите што си го знаат занаетот вредат толку многу. Добрите занаетчии отсекогаш биле на цена и наскоро би можеле да ги плаќаме со „суво злато“, но нема да има. Ова мислење го делат и соговорниците на „Слободен печат“.https://www.slobodenpecat.mk/

Со горчина дури велат и дека долготрајната потрага и чекање за поправките во домовите, на водоинсталатерите, молерите, водоинсталатерите кои во последно време се платени повеќе од хирурзите, најдобро го илустрираат проблемот со недостигот на секаков вид занаетчии. Сите инвеститори се соочуваат со хроничен недостиг на работна сила.

– За да се добие добар занаетчија, треба време, а тие што станаа добри и го научија занаетот овде, си заминаа. На новите генерации им треба време, за овие инвестиции што се најавени и кои се добри и кои значително ќе ги вработат и треба да се знае дека претстојниот циклус на инвестиции ќе бара најмалку 50 проценти повеќе вработени во градежништвото, прашање е дали ќе можеме да го издржиме тој притисок и дали ќе можеме да ги обезбедиме овие луѓе – во повеќе наврати предупредија од двете домашни градежни комори.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close